Зеленски: Украина ќе направи сѐ за да го запре Израел и конфликтот да заврши

Киев ќе работи на притисок врз Израел да стави крај на крвопролевањето во Газа, изјави украинскиот лидер Вoлoдимир Зеленски за време на неговото патување во Сингапур во неделата, речиси осум месеци од војната меѓу Израел и Хамас.

Зборувајќи на годишната безбедносна конференција Шангри-Ла Дијалог, Зеленски повтори дека Израел има право да се брани од „терористите на Хамас“. Тој, исто така, изрази загриженост за страшната хуманитарна ситуација во палестинската енклава, опколена од израелските одбранбени сили (ИДФ).

„Откако Израел влезе на територијата на Газа, дојде до хуманитарна криза“, истакна Зеленски, додавајќи дека Киев е подготвен да помогне во испораката на помош во енклавата.

„Меѓународното право мора да се почитува“, нагласи Зеленски. „Украина ќе признае две држави: Израел и Палестина. И ќе направи сѐ за да го запре Израел, за да може овој конфликт да заврши и цивилите да не бидат повредени“.

Минатата година Зеленски се пожали дека борбите во Газа го одвлекуваат вниманието на светот од конфликтот на Киев со Москва. „Веќе можеме да ги видиме последиците од промената на вниманието на меѓународната заедница поради трагедијата на Блискиот Исток“, рече тој за Асошиетед прес откако летната контраофанзива на Украина не успеа да освои значителна територија.

За разлика од многу западни земји, Израел одби да воведе санкции кон Русија и ја отфрли можноста за испраќање оружје во Киев.

Повеќе од 36.000 Палестинци се убиени откако Израел ја започна својата операција во Газа како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври. Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела откри дека Израел му предложил на Хамас нов договор за прекин на огнот, кој вклучува ослободување на преостанатите израелски заложници.