Зеленски упорен дека украинска ракета не ја предизвикала експлозијата во Полска

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во средата вечерта инсистираше и натаму дека експлозијата во којашто во вторникот вечерта во соседна Полска загинаа две лица, „несомнено не ја предизвикала“ украинска ракета, пренесува украинската агенција Интерфакс.

Во вторникот вечерта во селото Пшеводув, во југоисточното полско Лублинско војводство близу границата со Украина, падна ракета за којашто веднаш синхронизирано од Варшава и од Киев рекоа дека е руски проектил. Тоа предизвика тревога во целиот свет, бидејќи Полска е членка на НАТО кој напад на една своја членка го смета за напад врз целиот блок, и стравување од директен судир на 30-члениот воен сојуз и Русија.

„Не се сомневам дека тоа не била наша ракета“, изјави Зеленски за украинските медиуми на кои се повикува агенцијата Reuters.

Додаде дека верува дека експлозијата во вторникот ја предизвикал руски проектил, додавајќи дека неговото тврдење се темели на заклучоците на украинската армија на којашто „не може а да не ѝ се верува“/

Зеленски ја даде оваа изјава откако и американскиот претседател Џо Бајден, и НАТО и Полска, соопштија дека најверојатно станува збор за заталкан проектил на украинската противвоздушна одбрана со проектил од советско производство, а не за руски напад.

Руското министерство за одбрана, исто така, објави дека станува збор за украински проектил од противвоздушниот ракетен систем „С-300“, како и дека руската војска во вторникот не изведувала удари ниту во областа помалку од 35 километри од украинско-полската граница, ниту во Киев и посочи дека оштетувањата на станбените објекти во украинската престолнина кои ги емитуваше украинската војска и тамошните медиуми не се резултат од руски напад туку од паднати проектили на украинската противвоздушна одбрана.

Зеленски, исто така, порача дека смета оти на Украина веќе требало да ѝ биде дозволен пристап до местото на експлозијата.

„Имаме ли право да бидеме дел од истражниот тим? Секако“, рече украинскиот претседател.

Зеленски, исто така, во средата рече дека Русија не го повикала на никакви мировни преговори.

„Не комуницираат со нас“, изјави за новинарите во Киев Зеленски кој во октомври донесе декрет со кој нема да се водат преговори со Москва сѐ додека Владимир Путин е на чело на Руската Федерација.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, иако потврди дека прелиминарните анализи укажуваат дека инцидентот според сѐ судејќи го предизвикала ракета на украинската противвоздушна одбрана, вината ја префли на Русија „поради одбрана на (Украина) својата територија од руските крстосувачки проектили“

Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Варшава не поседува докази дека Русија го истрелала проектилот и наведе дека според расположливите информации станува збор за ракета од системот „С-300“ од советско производство која веројатно ја истрелала украинската противвоздушна одбрана.