Зеленски вели дека Киев „нема да признае“ руско-американски договор без Украина, Лавров не гледа смисла за вклученост на ЕУ

Украина не беше официјално информирана за руско-американските разговори во вторник во Ријад и „нема да признае“ никаков договор за нејзината иднина постигнат без неa, предупреди во понеделникот украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Украина нема да учествува“ во овие преговори и „не знае ништо“ дека тие се одржуваат во Саудиска Арабија, рече Зеленски. „Украина верува дека преговорите за Украина без Украина се бескорисни (…) ние нема да признаеме такви договори“, додаде тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата среда, по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека ќе започне разговори со цел итно ставање крај на војната во Украина.

Првите разговори ќе се одржат во вторник во Саудиска Арабија. Путин таму ги испраќа својот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика во Кремљ, Јуриј Ушаков.

Американскиот државен секретар Марко Рубио треба да се сретне со руски претставници, а таму ќе го придружуваат и Мајк Волц, советникот на Трамп за национална безбедност и Стив Виткоф, пратеник на Белата куќа за Блискиот Исток.

Лавров во понеделникот рече дека, исто така, не гледа смисла во учеството на претставниците на Европската унија во разговорите закажани за вторник со американски официјални претставници.

„Не знам што би направиле на преговарачката маса… ако сакаат да седнат со цел да ја продолжат војната, тогаш зошто да бидат поканет?“ рече Лавров на прес-конференција во понеделникот во Москва.

Неговите изјави уследија по барањето на ЕУ, исто така да биде вклучена во разговорите за запирање на речиси тригодишниот конфликт меѓу Русија и Украина.

Пред неговата прва средба со неговиот нов американски колега Марко Рубио во саудискиот главен град Ријад, Лавров потсети дека Европејците во неколку наврати биле вклучени во такви разговори без воопшто да придонесат за решение.

Лавров, исто така, ја отфрли можноста за правење територијални отстапки за Украина при можни преговори. Шефот на руската дипломатија рече и дека првенствено сака да ги слушне идеите на американската страна на средбата со Рубио во вторник.

За време на телефонскиот разговор минатата седмица, Путин и Трамп разговараа за потребата да се остави зад себе „апсолутно ненормално време во односите меѓу двете суперсили“, рече Лавров.

„Целта е да се обнови дијалогот за сите прашања, вклучително и за ситуацијата на Блискиот исток и другите проблематични региони во светот, додаде Лавров.

Според Кремљ, се разговара и за подготовките за можна средба меѓу Путин и Трамп во Саудиска Арабија.