Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот пред Советот за безбедност на Обединетите нации изјави дека неговата земја ќе излезе како победник и целосно ќе ги одбие руските напаѓачи.
„Еден ден во оваа сала сигурно ќе се каже дека војната на Русија против Украина е завршена“, рече тој.
„И тоа ќе се случи не само затоа што некој се заморил од војна, не затоа што некој разменил нешто со (рускиот претседател Владимир) Путин. Војната на Русија против Украина ќе заврши затоа што Повелбата на Обединетите нации ќе функционира. Тоа мора да функционира. Нашето украинско право на самоодбрана ќе надвладее“, рече Зеленски.
Советот се состана на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Додека Зеленски зборуваше, рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија демонстративно ги прелистуваше неговите документи и го погледна мобилниот телефон. Слично се однесуваше и кога излагаше словенечкиот претставник, пренесува германската агенција dpa.