Зеленски: За мир и запирање на Путин неопходно е единството на САД и ЕУ

За праведен мир во Украина и за „запирање“ на рускиот претседател Владимир Путин, потребно е единство на САД и Европската унија, како и во рамките на самата ЕУ, изјави во четвртокот украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Мораме да го постигнеме тоа единство за да постигнеме мир и само САД заедно со Европа можат да го запрат Путин и да ја спасат Украина“, рече Зеленски пред почетокот на самитот на ЕУ, на кој е поканет.

На прашањето дали Европа може сама да ја поддржи Украина, доколку новиот американски претседател престане да го прави тоа, Зеленски рече дека „би било многу тешко“.

„Ќе разговараме за ова кога Трамп ќе дојде во Белата куќа“, додаде украинскиот претседател.

Главни теми на самитот се помошта за Украина и улогата на ЕУ во светот.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта го повтори ставот на ЕУ дека ќе стои на страната на Украина сѐ додека тоа е потребно.

„Можете да сметате на нашата целосна и непоколеблива поддршка, сеедно и колку и да е потребно“, рече Кошта, обраќајќи му се на Зеленски.