Зеленски за „суштински поинаквиот“ пристап на преговорите од Русија, и бара гаранции не само од неа

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во саботата на прес-конференција во Киев изјави дека победа за Украина ќе претставува да ја сочува независноста на нацијата, а тоа според него зависи од преговорите со Русија за која рече дека има „темелно поинаков пристап“ во нив откако порано само „поставувала ултиматуми“ во разговорите со украинската страна.

Запрашан за изјавите на рускиот претседател Владимир Путин од петокот кој спомена „напредок“ во руско-украинските преговори, Зеленски рече дека е „задоволен што има некој сигнал од Русија“.

Во текот на последните преговори „започнавме да разговараме“ а Москва „повеќе не поставува само ултиматуми“, што претставува „темелно поинаков пристап“, додаде Зеленски.

Украинскиот претседател тврдеше дека Киев последните две години се обраќал до Москва „повеќе од десет пати… а никогаш не слушнал кога преговорите би можеле да се одржат“.

Од почетокот на руската офанзива на 24-ти февруари се одржаа три круга преговори на ниво на делегации, првиот на украинско-белоруската граница, а следните два на полско-белоруската граница. Овие преговори ќе продолжат преку видоеконференција, потврди во саботата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одбивајќи да даде повеќе поединости.

„Победата за нас е Украина да опстане, Украинците да опстанат, луѓето да преживеат за овој народ да не замине никаде… Затоа победата во ова војна, секако, зависи од разговорот и дијалогот. И победата, како што реков, е да ја зачуваме нашата нација, за да се зачуваме емотивни, за да останеме независни и со вредностите кои ги браниме денес“, рече Зеленски одговарајќи на прашањето на странските новинари како преговорите влијаат на ситуацијата „на теренот“.

Зеленски во продолжение рече дека на Киев му се потребни безбедносни гаранции и не само од Русија, туку и од западните партнери.

„Засега нашите западни партнери не се доволно вклучени, ако зборуваме за точките на безбедносни гаранции за нашата земја. Покрај Русија, таквите безбедносни гаранции треба да ги предложат и другите челници“, рече украинскиот претседател.

Зеленски, исто така, истакна пред странските новинари дека не гледа храброст кај членките на НАТО да се обединат поради Украина.

„Нема договорена позиција за прием на Украина во НАТО… Дури и кога зборуваме за затворањето на (украинското) небо, нема согласнсот. Ако не можеме да го решиме прашањето за набавка на одредени видови оружје, тогаш се поставува филозофско прашање… Не гледам смелост во обединувањето на членките на НАТО во врска со Украина. И тоа е голем проблем“, рече украинскиот претседател на средбата со странските медиуми.