Земјите од Г7 ја осудија Русија за трупање на војска на границата со Украина

Земјите од Г7 групата соопштија дека се длабоко загрижени за групирањето на руските сили на границата со Украина.

Неодамнешните извештаи за руската воена активност во и околу Украина, како и кршењето на примирјето, предизвикаа меѓународна загриженост за повторно ескалирање на седумгодишниот конфликт меѓу двете земји.

-Овие големи движења на војската, без претходно известување, претставуваат заканувачки и дестабилизирачки активности – се наведува во заедничкото соопштение на министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, САД и Велика Британија.

Шефовите на дипломатиите на земјите од Г7 ја повикаа Русија да „престане со своите провокации и веднаш да ги деескалира тензиите во согласност со нејзините меѓународни обврски“.

Тие во заедничката изјава ја потврдуваат својата „непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници“.

По припојувањето на Крим кон Руската Федерација во 2014 година, Русија беше исфрлена од форумот што во тоа време се нарекуваше Г8. Меѓународната заедница се уште смета дека Крим е дел од украинската територија.

Делови од украинските источни региони Доњецк и Луганск долж руската граница се контролирани од проруски сепаратисти.