Земјите од Г7 денеска ја повикаа Белорусија веднаш да стави крај на мигрантската криза на границите на Европската унија, обвинувајќи ја дека се обидува да го „одвлече вниманието“ од кршењето на меѓународното право и човековите права од страна на властите во Минск.
Во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, САД, Канада, Германија, Италија, Јапонија и Европската унија се осудува „оркестрацијата на илегалната имиграција што ја спроведува белорускиот режим преку своите граници“.
Г7 апелира до властите во Минск „веднаш да ја прекинат својата агресивна и експлоататорска кампања за да се избегнат нови жртви и дополнителни страдања“.
– Постапките на белорускиот режим се обид да се оттргне вниманието од неговото континуирано непочитување на меѓународното право, основните слободи и човековите права, вклучително и правата на сопствениот народ, се вели во соопштението.
Изразувајќи „солидарност“ со Полска, Литванија и Летонија, земјите од Г7 побараа од Белорусија да одобри испорака на хуманитарна помош до меѓународните организации.
Неколку илјади мигранти, главно од Блискиот Исток, со денови се на многу ниски температури на границата меѓу Белорусија и Полска, со надеж дека ќе можат да влезат во Европската унија.
Западот го обвинува Минск дека го организирал овој прилив на мигранти како одговор на санкциите воведени против Белорусија по задушувањето на опозициското движење во земјата во 2020 година.
Полска, како и другите два европски соседи на Белорусија, Литванија и Летонија, одбиваат да примат илјадници мигранти.