Членките на Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC) и нивните партнери независни големи производители предводени од Русија во ткн група OPEC+ најавија во неделата кастрење на производството на сирова нафта до крајот на 2023 година.
Потпретседателот на руската влада и поранешен министер за енергетика, Александр Новак, изјави дека Русија до крајот на годината ќе го намали производството на нафта за 500.000 барели дневно.
Објавата од Москва дојде истовремено кога намалување на производството објавија и Саудиска Арабија, Кувајт, Оман, Ирак и Обединетите Арапски Емирати, и сите за до крајот на годината.
„За да делуваме како одговорен учесник на пазарите и како мерка на претпазливост против натамошната нестабилноста на пазарите, Руската Федерација ќе спроведе доброволно намалување на учеството од 500 илјади барели дневно до крајот на 2023-та“, најави Новак.
Ова е второто продолжување на Русија на ограничувањето коешто рускиот претседател Владимир Путин го најави во февруари. Кон крајот на март Новак изјави дека Русија е блиску до целеното производство од 9,5 милиони барели нафта дневно.
Саудиско Арабија, исто така, во неделата објави дека го ограничува своето производство за 500 илјади барели дневно, од мај до крајот на годината. Саудиското министерство за енергетика истакна дека станува збор за мерка на претпазливост за да се стабилизира глобалниот пазар на нафтата.
Обединетите Арапски Емирати најавија намалување на производството за 144.000, Алжир за 48.000, Ирак за 211.000, Кувајт за 128.000 а Оман за 40.000 барели на дневно ниво, пренесоа тамошните службени новински агенции.
Казахстанското министерство за енергетика објави во неделата дека ќе го намали производството за 78.000 барели дневно од мај до крајот на годината во координација со другите членки од групацијата OPEC+.
Деловната новинска агенција Bloomberg News проценува дека поради ваквите најави од големите производители на светските пазари на дневно ниво ќе има милион барели нафта помалку. Но засега не се даваат дали и во колкав обем тоа ќе влијае и на цените.