Земјите во развој од таканаречениот Глобален југ и еколошките активисти го осудија договорот COP29 постигнат на самитот на Обединетите нации за климата, а договорот беше пофален и го бране САД, Германија и другите западни земји.
Во раните утрински часови во неделата, делегатите на COP29 се согласија да обезбедат годишно 1,3 трилиони долари за посиромашните земји за да им помогнат во борбата против климатските промени, од кои околу 300 милијарди долари ќе дојдат од богатите, индустријализирани нации.
Договорот од 300 милијарди долари за најбогатите земји е „шега“ и „навреда“, рече претставникот на Нигерија на разговорите.
Претставникот на Индија протестираше, велејќи дека не може да се согласи со одлуката бидејќи обврските се прениски. „Не можеме да го прифатиме тоа“, рече тој.
Критиките не можат да го сменат постоечкиот договор. Сепак, коментарите најверојатно ќе бидат внесени во записникот.
На COP29, домаќинот Азербејџан кој претходно ги критикуваше развиените економии во контекстот на фосилните горива кои се најзначакниот извор на приходи за оваа централноазиска земја, брзо го запечати клучниот текст, оставајќи некои држави да се чувствуваат ставени настрана и игнорирани.
Претставникот на Боливија се пожали дека земјите во развој се препуштени да се соочат со сопствената мака во климатската криза. Тврдеше дека влегуваме во доба во која секој ќе се грижи само за спас на сопствената кожа. Рече дека индустријализираните земји имаат историска одговорност за глобалното затоплување и затоа помошта за климата не е чин на добротворност, „туку законска обврска“.
Климатските активистички групи го нарекоа договорот за финансирање од 300 милијарди долари од богатите, дизајниран да им помогне на земјите во развој да се борат со ефектите од глобалното затоплување, „капка во морето“ на океаните „чие ниво веќе се поткрева“.
Климатски колонијализам
Реномираната експертка за климатска отпорност при ActionAid UK, Захра Хдиду, го опиша текстот на договорот како „целосна катастрофа и фарса“, додавајќи дека имајќи предвид дека „поплавите и сушите го пустошат глобалниот југ, најавената цел останува капка во морето во споредба со милијардите потребни за им помогне на заедниците погодени од климата во адаптацијата и закрепнувањето“.
Групата за борба против сиромаштијата Christian Aid, исто така, го критикуваше договорот COP29.
„Луѓето од Глобалниот југ дојдоа на овие разговори барајќи чамец за спасување од климатската криза. Но, сè што добија беше штица од дрво за да ја зграпчат. Овој самит беше киднапиран од богатите земји кои не преговараа со добра волја. Цената на нивните постапки овде ќе се плати со животите на ранливите луѓе на првите борбени линии на климатскиот колапс“, посочи портпаролот на групата во изјавата за медиумите.
Директорот за политика во британската група Friends of Earth, Мајк Чајлдс, рече: „Уште еднаш го одложија решавањето на проблемот. Земјите во развој сега се погодени од климатски екстреми, главно водени од тековните и историските активности на богатите нации како што е Велика Британија“, истакна тој.
Глобалната организација за заштита на природата и сега климата Greenpeace, го критикуваше договорот постигнат на климатската конференција на ОН во неделата, велејќи дека преговарачите им потклекнуваат на интересите на земјите производители на нафта.
„На луѓето им е преку главатаа, тие се разочарани“, се вели во соопштението на Џаспер Инвентор, шеф на делегацијата на Greenpeace на разговорите за COP29.
Договорот според кој побогатите земји даваат 300 милијарди долари на посиромашните за нивните климатски потреби, тој го нарече „жалосно несоодветен“, додавајќи дека тој и другите ќе се фокусираат на COP30, конференцијата следната година во Белем, во Бразил, за да се поправи договорот. „Нема да се откажеме“, прача Инвентор.
Експертката за климатска политика на Greenpeace, Трејси Карти, истакна дека договорот не дава гаранции дека трошоците ќе бидат платени од „јавните финансии засновани на грантови кои очајно им се потребни на земјите во развој“, наместо заеми или приватно финансирање. Таа и другите во Greenpeace ја повикаа индустријата за фосилни горива да плати.
Фред Њеху, панафрикански политички стратег за Greenpeace во Африка ги имаше некои од најстрогите коментари, нарекувајќи го договорот „климатски колонијализам“. Тој спореди 1,3 милијарди долари со нудење некому „капкалка за да го наполни океанот“.
„Тоа е како да се согласите дека некому му треба полн резервоар со вода за да преживее, а потоа да му дадете капалка за очи и да му речете: ‘Со среќа!’“, рече тој.
„Се надевав на поамбициозен исход – и во однос на финансиите и во однос на ублажувањето – за да се од говориме на димензиите на големиот предизвик со кој се соочуваме, но постигнатиот договор пружа основа врз којашто ќе се гради“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во изјава на Х.
Парите мора итно да се испратат бидејќи на многу презадолжени земји во развој, погодени од катастрофи и заостанати во револуцијата на обновливите извори на енергија, парите им требаат сега.
САД и ЕУ го фалат договорот
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден го нарече договорот „уште еден историски исход“, додавајќи дека „никој не може да ја поништи транзицијата на чиста енергија што сега е во тек“ во Соединетите држави.
Во изјавата објавена во неделата, Бајден го нарече годишното финансирање од 1,3 трилиони долари „амбициозна“ цел за финансирање на климатските промени. Наведе дека тоа ќе помогне да се мобилизираат различни нивоа на финансирање и да се создаде пазар за американски електрични возила и други производи погодни за климата.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја бранеше одлуката, но призна дека таа е недоволна.
„Знаеме дека нашите денешни одлуки нема да бидат доволни за да се задоволат сите потреби. Затоа ја поддржавме визијата за зголемување на финансирањето на земјите во развој на 1,3 трилиони долари“, додаде шефицата на германската дипломатија .
Бербок рече дека Европската унија е свесна за својата одговорност. „За ЕУ е кристално јасно: никој не ја заборави историската одговорност“, рече таа.
Еврокомесарот за клима Вопке Хоекстра го пофали договорот.
„И победија оние кои веруваат во подобар свет“, рече тој, ветувајќи дека „настанува нова ера во финансирањето на климатските промени“ во која Европската унија ќе продолжи да ја презема водечката улога.