Земјоделците ја блокираа Триумфалната капија во Париз, полицијата уапси 66 лица

Француската полиција уапси 66 лица во Париз откако земјоделците ненајавено ја блокираа Триумфалната капија со сено и трактори. Околу 6 часот по локално време тие стигнаа до споменикот на познатата авенија на Елисејски полиња, соопшти полицијата.

Сообраќајот кратко време беше во прекин, а медиумите објавија дека демонстрациите почнале во зорите, во подножјето на Триумфалната капија и завршиле околу 9.40 часот.

Во парискиот регион денеска беа организирани и други акции. Четири трактори блокираа еден од излезите од обиколницата околу Париз. Состанокот на фармерите првично требаше да се одржи во Версај со дозвола, но фармерите ненадејно се упатија кон Триумфалната капија во центарот на Париз.

Полицијата бргу интервенира и протестот беше прекинат.

Француските фармери со недели изразуваат незадоволство поради намалените приходи, еколошките регулативи и бирократијата, меѓу другото.