*Кандидат сте за градоначалник, кој беше мотивот да ја прифатите кандидатурата?
Точно, ја имам поддршката за градоначалник на општина Новаци од ВМРО-ДПМНЕ најголемата политичка организација во Македонија, претседател сум на Општинскиот комитет од 2013 година до сега, директно вклучен во голем број изборни процеси. Тоа за мене претставува голема чест, но истовремено и голема одговорност пред се’ заради тоа што не сум човек кој само ветува, кажува празни зборови и лаги туку она што ќе го кажам сакам да биди направено, исполнето, завршено. Ова особено ќе ми биде голем предизвик затоа што живееме во време кога слушаме разно разни ветувања, исполнување на проекти, наводно решавање на децениски проблеми, а процентот на реализација е нула, ништо не мрднува од почетната позиција. Токму затоа ја прифатив кандидатурата, затоа што на народот сакам да му претставам еден поинаков начин на работа, сметам дека луѓето се уморни од политиката, од празни зборови и ветувања и сакаат во кандидатот да препознаат човек кој тоа ќе го промени, ќе ги извади од летаргијата во која се западнати и ќе ги поведе кон заедничко решавање на проблемите.
*Каква кампања ќе водите?
Мојата кампања ќе ја водам со претпазливи ветувања, но реални за да може да се исполнат, ќе нудам решенија, но и ќе барам заеднички труд и работа, ќе ги слушам проблемите и барањата на жителите, но ќе барам разбирање и од нив преку заеднички дијалог до конечно решение на истите.
*Што недостасува во Новаци, од каде би почнале со работа?
Има многу работи кои недостасуваат и ако почнам да набројувам ќе треба целото ова интервју да го посветам на сите лоши политики ако може да се наречат политики на актуелниот градоначалник. Моето прво официјално претставување сакам да го започнам со позитивна, оптимистичка атмосфера со мотив и посветеност кон големите предизвици кои ќе претстојат во мојата визија за тоа како да ја направиме општина Новаци да биде попристојно место за живеење. Од она што ќе го предложам во мојата предизборна програма сами ќе можите да донесите заклучок што се недостасува и до кој степен е развиена нашата општина со сегашното раководство.
Во програма ќе имам предложено голем број на проекти од сите сфери на општествено, економскиот, социјалниот и културниот живот но најголем акцент ќе ставам на следните проекти. Бидеќи земјоделството е примарна стопанска гранка на жителите на општина Новаци, а водата за наводнување е главниот приоритет за современо, конкурентно земјоделско производство, проектирањето и изградба на акумулации каде е возможно тоа и обезбедување вода за наводнување на земјоделските површини ширум општината, изградба на бушотини и артерски бунари за обезбедување вода за наводнување на земјоделски површини со обезбедување електрична енергија до истите ќе бидат моите главни приоритети. Во насока на развој на земјоделството во мојата програма ќе предвидам дополнително субвенционирање од страна на општината на целокупното земјоделско производство со посебен акцент на подигање насади и засејување наспецифични земјоделски култури како и опрема за повисоки и поквалитетни приноси на земјоделското производство.
*Според вас кој е најсериозниот проблем во Новаци?
Сите мои напори како прв човек на општина Новаци е решавање на најсериозниот проблем со кој се соочуваат жителите во моментот, а тоа е немањето на канализацски мрежи. Од 41 населено место колку што брои општина Новаци, канализација има само во село Новаци и таа не е дозавршена. Затоа во мојот мандат ќе се обидам да го решам овој проблем барем во поголемите села.
*Кои се вашите други цели?
Еден од главните приоритети за развој на општината е индустрискиот развој, за таа цел ќе се вложам кон изградба на индустриски развојни зони во селата Новаци и Гермијан со нивно целосно инфраструктурно уредување а со цел привлекување на домашни и странски инвеститори за изградба на производствени капацитети.
Целосна реализација на системот за наводнување од акомулацијата Суводол, кој опфаќа близу 400 хектари во атарите на селата Новаци и Добромири, грант од ИПА на ЕУ кој е отпочнат во време на ВМРО-ДПМНЕ и во моментот е во финална фаза во кој проект лично јас сум координатор од самиот негов почеток, а кој не е отпочнат со градба од неажурноста и незаинтересираноста на сегашниот градоначалник.
*Споменавте многу проекти, но на што најмногу се жалат граѓаните?
Секојдневно сум во комуникација со жителите на општина Новаци, целиот мој живот живеам таму и знам кои се секојдневните проблеми, предизвици и начин на живот. Најголем проблем не само во општина Новаци, туку и во целата држава е безработицата, немањето перспектива кај младите луѓе, потоа голем број недостатоци во инфраструктурата како што споменав погоре немањето на канализациони мрежи а живееме во 21 век, комунален хаос, нечистотија, мини депонии на секој чекор. Голем проблем за жителите е исто така наводнувањето на земјоделските посеви, токму затоа изградбата на системите за наводнување ќе биде еден од моите врвни приоритети. Друг проблем поврзан со земјоделието е ненавремената исплата на субвенциите.
*Кои се начелата кои ќе ви бидат водилка во текот на работата?
Ќе се трудам мојата работа да биде раководена од најдрагоцениот капитал со кој располагаат организациите – луѓето и нивниот потенцијал. Истата ќе се темели на добри практики кои отсликуваат долгогодишни истражувања, знаења, светски, но и домашни искуства, кои ќе водат до решенија едноставно применливи во разнолики, динамични работни средини.
Како градоначалник на локална самоуправа ќе се посветам кон создавње на ефикасна, професионална, одговорна и сервисно-ориентирана администрација насочена кон решавање на секојдневните проблеми на жителите на општина Новаци и подобрување на начинот и квалитетот на живот.