Земјотресот во Турција предизвика геолошка промена, откриваат научниците

Разорниот земјотрес кој во понеделникот ја погоди југоисточна Турција ги помести литосферските плочи за три метра, вели Карло Дољони, претседател на референтниот италијански Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV).

Турција се простира на неколку раседи, меѓу евроазиската и африканската тектонска плоча, и поради тоа е меѓу сеизмички најактивните области на светот. Само минатата година турските сеизмолози забележале повеќе од 22.000 послаби потреси.

„Арабиската плоча се придвижи за околу три метра во правец североисток-југозапад во однос на Анадолската тектонска плоча Станува збор за структура во пограничната зона во тој дел од светот, Арабиската и Анадолската“, вели Дољони за весникот Corriere della Sera.

Како што опишува научникот, „тоа е како Турција да се придвижила на југозапад“.

Според Дољони, вкупната величина на раседот била најмалку 150 километри, и додава дека „сѐ се случило за неколку десетина секунди“.

Истакнувајќи дека земјотресите од изминатите два дена се случиле на точката на контакт на источноанадолската, арабиската и африканската тектонска плоча, Диљони вели дека „се активирал еден од двата главни раседи што ја пресекува територијата на Турција од едниот до другиот крај“. Станува збор за еден од најактивните раседи на Блискиот исток, покрај оној на Мртвото Море кој минува низ Јордан, Израел, Либан и Сирија, одвојувајќи го Арапскиот полуостров од Африка.

Посочувајќи дела почвата се придвижувала по споменатиот расед, италијанскиот стручњак повторно истакнува дека во областа на максималното движење поместувањето изнесувало три метра. Диљони посочува притоа дека станува збор за првични процени, но дека попрецизно ќе може да се зборува откако ќе ги добијат сателитските снимки.

Диљони ги карактеризираше двата ударни потреси во Турција како „многу големи“, додека другите италијански стручњаци за весникот коментираат дека земјотресите со епицентар во југоисточната провинција Кахраманмараш биле „илјада пати“ посилни од потресот во италијанското место Аматриче од 2016 година во кој живото го загубија повеќе од 300 лица.

Турција од ноќта кон понеделникот беше погодена од серија потреси, од кои најсилниот беше со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што се случи во понеделникот во 2,17 часот по средноевропско време. Покрај уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтер, во понеделникот во југоисточна Турција се регистрирани повеќе од 200 последователни потреси. Неколку земјотреси беа забележани ноќта кон вторникот. Најсилниот, со јачина од 5,5 степени е забележан во 4,13 минути. Според сеизмолозите, смирувањето на почвата ќе продолжи и во следните неколку седмици со потреси со различен интензитет.