Поранешните чешки претседатели Вацлав Клаус и Милош Земан оценија дека бомбардирањето на тогашната СР Југославија во 1999 година поради судирот со албанското мнозинство во тогашната српска јужна покраина Косово и Метохија, е „огромна грешка“ на НАТО и дека Прага не требало да го признае Косово, кое со поддршка на запдните земји еднострано прогласи самостојност во 2008 година, бидејќи е „терористичка држава“, пренесува во средата српската новинска агенција Танјуг, повикувајќи се на чешки медиуми.
Во мај 2021 година, за време на официјалната посета на Белград, Земан се извини за бомбардирањето на НАТО, велејќи дека тоа е „грешка“ и „полошо од злосторство“ и побара прошка од српскиот народ.
Двајцата челници дадоа заедничко интервју за чешката телевизија ČT по повод 25-годишнината од членството на Чешка во НАТО.
Земан го повтори ставот дека тогашното бомбардирање на Југославија е „груба грешка“, а Клаус се согласи со тоа и потсети дека е лут што чешката влада дозволила авиони на НАТО да летаат над чешка територија, пренесува Танјуг.
„Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, моментално стои пред Меѓународниот кривичен трибунал во Хаг за воени злосторства, како и цела низа водечки функционери на Косово. Реков дека Косово во основа е терористичка држава“, рекол Земан.
Додал дека е можно злосторствата да ги извршила и српска страна, „многу помалку“ и дека тоа немало „систематски карактер“.
Клаус го оценил како „скандалозно“ тоа што поранешниот шеф на чешката дипломатија, Карел Шварценберг, го призна Косово „без дискусија во владата и без воопшто да го информира“ како тогашен претседател. „Тоа никогаш не требаше да се случи“, рекол Клаус.