Земан освои уште еден мандат на чело на Чешка

Актуелниот чешки претседател Милош Земан по 95 отсто од преброените гласови е победник во вториот круг од претседателските избори освојувајќи 52,26 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат, поранешниот претседател на Академијата на науките Јири Драгош освоил 47,8 отсто од гласовите.

За Земан гласале 2,64 милиони избирачи, додека за Драхош околу 2,42 милиони, Земан победи во 11 од 13-те изборни единици, губејќи само во главниот град Прага и во Централн-Чешкиот округ. Инаугурацијата ќе се одржи во претседателската резиденција Прашки Град на 8-ми март.

Ова е вторпат Чесите непосредно да го избираат шефот на државата. Претходно него го избираше парламентот.

Според аналитичарите овие избори претставуваа своевиден референдум за политиките на 78-годишниот Милош Земан кој се залага за поблиски односи на Чешката Република со Русија и со Кина. Земан ја поддржува поострата политика кон имигрантите, а го поддржа и Доналд Трамп на американските претседателски избори во 2016 година. Се заземаше, исто така, и за распишување референдум во Чешка за излегување на земјата од Европската унија.

Изборите во Чешка, како впрочем и во цела Европа и САД, ги одразуваа поделбите во општествата меѓу конзервативците и неолибералите. Јури Драхош, 68-годишен професор по хемија, кој двапати беше избиран за претседател на Чешката академија на науките, е нов во политичките води и ветуваше пресврт во поларизацијата на општеството.

Земан профитираше од растечкото чешко противење на имиграцијата. И тој и Драхош ги отфрлија задолжителните бегалски квоти на ЕУ, но за разлика од Земна, неговиот противник смета дека земјата треба да направи јасна разлика меѓу економските имигранти и оние кои бегаат од војната и насилствата.

Повеќето кандидати кои отпаднаа по првиот круг од изборите го поддржаа Драхош, кој се надева дека ќе ги обедини либералните прозападни чешки гласачи кои ги одбива стилот на Земан и неговата проруска и прокинеска ориентација.

Чешката влада предводена од Андреј Бабиш, челник на новото движење ANO, кое освои најмногу места во парламентот но не може да најде партнери за формирање стабилно мнозинство, поднесе оставка во средата, но Земан веднаш побара од Бабиш повторно да се обиде да состави влада.