Во одреден момент, Украина ќе мора да стапи во преговори со Русија за да стави крај на нивната повеќе од двегодишна војна, изјави висок украински разузнавач во интервју објавено во четвртокот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли разговорите со Кремљ, а декретот што го издаде откако Русија официјално анектираше четири украински региони во 2022 година, ги оцени преговорите за „невозможни“.
Генерал-мајорот Вадим Скибицки, заменик-шеф на украинската воена разузнавачка агенција ГУР, сепак, изјави за лондонскиот магазин Economist дека разговорите на крајот ќе бидат неопходни, како што би било случај со секоја војна.
„Генералот Скибицки вели дека не гледа начин Украина да ја добие војната само на бојното поле. Дури и доколку би успеала да ги потисне руските сили назад до границите – што е сè подалечна перспектива – тоа нема да ја заврши војната“, пишува Economist.
„Таквите војни можат да завршат само со договори“, вели Скибицки. „Во моментов, двете страни се борат за ‘најдобрата позиција’ пред потенцијалните преговори. Но значајните преговори може да започнат најрано во втората половина на 2025 година“, нагаѓа украинскиот генерал.
Зеленски и други официјални лица порачаа дека Русија не е поканета на „мировниот самит“ планиран за Швајцарија во јуни, бидејќи „нема гаранција дека Москва ќе разговара со добра волја“.
Министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба, се чини, го повтори размислувањето на Скибицки во одделно интервју за магазинот Foreign Policy претходно оваа седмиц, велејќи дека јунскиот самит има цел „да ги обедини земјите кои споделуваат принципи и пристапи врз кои ќе градат натамошни активности“.
„После тоа, може да дојде до комуникација со Русија и Русија може да биде дел од разговорот. Затоа што сте во право: На крајот, не можете да ставите крај на војната без двете страни“, рече Кулеба.
Рускиот претседател Владимир Путин и други високи функционери во Москва повеќепати изјавуваа дека Украина го блокира секој обид за решение. Притоа многу често го истакнуваат „речиси постигнатиот“ договор за прекин на огнот од Истанбул на крајот на март 2022 година, не цел месец по почетокот на руската инвазија, од кој Киев под сѐ уште нејасни причини, нагло се повлече.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот изјави дека средбата во Швајварија во јуни не може да биде „сериозна конференција со сериозни очекувања за некаков резултат“ без присуство на Русија.
Во доцните ноќни видео обраќања во четвртокот, Зеленски ја опиша средбата во јуни како „практично првата вистинска можност да се започне повторно воспоставување праведен мир“.
„Сите наши позиции, на бојното поле, во дипломатијата и во информатичката сфера, сега мора да бидат подеднакво силни. Нашата сила, нашите способности, нашите оружја, единството со партнерите – сето тоа мора да работи заедно. И ќе функционира“, рече Зеленски.