Земјоделците веќе подолг период се соочуваат со ниски откупни цени, влошен пласман, намалени субвенции, а капак на сето тоа е и невремето кое ги зафати земјоделските насади во стумичко и битолско.
Поројниот дожд, проследен со силен ветер и крупен град предизвика големи штети. Тутунот во Могила е целосно уништен. Таму општинската комисија веќе е излезена на терен и врши проценка на настанатите штети на земјоделските култури.
Во струмичкиот регион општинската комисија за проценка на штети од утре ќе излезе на терен. Во овој регион најпогодени се селата Муртино и Сачево, во чии атари посевите на отворено се целосно уништени од градот, а силниот ветер ги искина најлоните на пластениците.
Министерот за земјоделство вчера го посети овој крај и изјави дека проценките за настанатата штета ќе се испратат до владината комисија за обесштетување, каде ќе се обработат предметите. Поточно допрва ќе треба да се отпочне со процедурите, кои може да траат со месеци.
За земјоделците ова е голема трагедија бидејќи и според статистиките раноградинарските култури имаат историски најниски откупни цени. Во моментов доматите се откупуваат по 5 до 7 денари за килограм, зелката по 25 денари, лубениците околу 5 денари, а не се знае и која ќе биде цената на пченицата.
Политичка уцена или барање поддршка?
Додека дел од земјоделците изгубија се што имаат, Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на РМ, меѓу редови побара поддршка од македонските земјоделци за најавениот есенски референдум на кое ќе се постави прашање за договорот од Преспа.
Таа ги повика земјоделците да и дадат поддршка на македонската Влада на патот кон ЕУ, од каде што потоа би ги црпеле неопходните финансии за развој на аграрот.
Земјоделци, ви треба НАТО, ви треба ЕУ, ви требаат европските фондови и пазари, ви треба Заедничката европска политика (CAP), се друго е само одржување на една солидна состојба со помош на домашниот земјоделски буџет од 150 милиони евра. За сите сериозни стратегии се потребни пари, дали е за едукација, дали е за дополнителна субвенција или поддршка на здружување на земјоделците и решавање на нивните проблеми, најмногу околу конкурентно производство и пласман.
Ги повика добро да размислат каква иднина ќе одберат, бидејќи се работи за суштинска разлика во стандардите во нивниот сектор.
Земјоделци, шансата ја имате, пред вас е , само решавање на статусот на Државата значи и решавање на вашиот проблем. Мора да излеземе од рамките на земјата, мора да се приклучиме на европското семејство. Замислете какви мерки може да превземе министерството доколку има 1 милијарда евра кои ќе дојдат во вашите плантажи, фарми, посеви. Ќе зборуваме за инвестиции во модерна и нова технологија, во нови преработувачки капацитети, ладилници, нови сорти прилагодени на климатските промени за кои треба да станеме свесни дека се случуваат кај нас, а не таму некаде. Ќе зборуваме за пари кои ќе се добијат од државата токму за пренамена на производство на култури кои се поиздржливи, прилагодени на климастките промени или за репроматеријали, ѓубрива, заштитни средства, семиња, садници во согласност со реонот и климата. Нема тогаш да зборуваме за барање на земјоделците за 3 денари за килограм или 50 евра од хектар. Не драги мои земјоделци, во ЕУ субвенциите се во стотици евра за хектар површина или грло добиток. Таму ако во одреден регион произведувате пченица и ви дава само 3 тона од ха, или работите со загуба, државата вели, еве ти субвенции насади тоа што одговара за ова поднебје. Ако е долгогодишна култура, еве ти пари да живееш додека биде во полна родност – пишува Николовска.
Протести на производителите на лубеници
Производители на лубеници од различни подрачја во земјата, струмичко, тетовско, кавадаречко… веќе неколку дена го искажуваат својот револт од ниските откупни цени. Тие бараат средба со министерот за земјоделество, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и повисоки откупни цени. Велат дека има откуп, но цената е многу ниска.
Додаваат дека тракторска приколка со 4,5 тони лубеници трговците ја откупуваат за 2 – 3.000 денари, а внатре има околу 450 парчиња лубеници.
Од подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, повикуваат да не се манипулира со земјоделците и тврдат дека откупот наводно течел нормално.
Ниска откупна цена на зелката
Претходно во април беше постигнат договор по бројните протести и блокади на производителите на зелка во струмичко. Работно тело требаше да ги следи откупните цени на зелката и да алармира за евентуална корекција на истите. Ова беше договорено на средба во Банско со преставници на Министерството за земјоделство и земјоделците кои побараа стабилност и почитување на неделните откупни цени. Пролетната зелка од струмичко овој период се извезуваше во Русија, Романија, Полска, Белорусија и во Украина.
Жетвата веќе почнува, а пченицата нема цена
Мерките со кои изминативе години се субвенционираше складирањето на житото по силосите, според земјоделците, не се соодветни и немаат голем ефект, особено во година како оваа кога родот на жито е голем не само кај нас туку и во регионот од каде се диктираат ниски цени и од каде увезуваме евтино брашно.
На почетокот на жетвата земјоделците се уште не знаат по која цена ќе им се откупува пченицата. Нивниот став е дека цената на пченицата треба да биде 12 денари за килограм и дека државата преку стоковите резерви треба да се вклучи во откупот.
Годинава се проценува дека ќе има пазарен вишок од 160 илјади тони на лебно жито. Од друга страна, поради врнежите ожнеана пченица не може да се чува по амбарите, зашто ќе се расипе и ќе и се намали квалитетот.
Ние очекувавме овие денови, како што ветија од ресорното министерството, да се даде една препорачана цена, по која би се ориентирале земјоделците, меѓутоа до сега се уште ја нема таа препорачана цена и затоа земјоделците не знаат што да прават, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделци на РМ.
Некој од откупувачите веќе се обидуваат да наметнат цена од 8 денари, што ни од далеку не ги задоволува потребите на производителите. Таков е случајот во Пелагонија каде пченицата на некои откупни пунктови веќе се откупува по цена од 8 денари за килограм.
Според него, лошо и се пишува на пченицата, бидејќи најголемите производители најавија дека ова им е последна година во производство на пченица и оти ќе ги остават празни површините кои се земени од државата на концесија.
Климатските промени и лошата државна стратегија го празни џебот на земјоделците
Според земјоделските стручњаци најголемо влијание врз намалувањето на земјоделското производство имаат климатските промени, кои не ја заобиколуваат ниту Македонија, а и лошата државна стратегија и неедукација на земјоделците.
Сведоци сме дека секоја година, а посебно оваа, од почетокот на пролетта, имаме нагли промени на временските услови. Тоа особено е видливо од големите температурни амплитуди меѓу денот и ноќта. Имаме чудна метереолошка состојба во која температурите во текот на ноќта и утрината се многу ниски, а преку денот се искачуваат и над 30 степени Целзиусови. Кога на сето тоа ќе се додадат и интензивните врнежи од дожд, проследени со град, тогаш штетите се големи, изјави пред неколку дена д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија, за Локално.мк.
Тој додава дека во повеќе региони во државата штетите се големи, посебно кај долгогодишните овошни насади. Градот предизвикал толкави оштетувања што производителите немаат можност да добијат приноси ниту наредната година. И кај градинарските култури состојбата е исто така лоша.
Експертите се со став дека глобалните климатски промени создаваат нови болести кај земјоделските култури, кои досега малку се познати за науката. Од тоа не е имуно ниту македонското земјоделско производство, кое во последните години е изложено на нови болести.
Покрај тоа, земјоделските производители не се едуцирани како да ја намалат употребата на пестицидите, колку време треба да помине од последното прскање до бербата, како да се намали безобзирната употреба на минералните ѓубрива и да стекнат основни знаења за производството. Секако во тоа голема улога имаат и инстутициите кои треба да му помагаат на земјоделецот, но тие многу малку се присутни на терен. Според Вучков државата треба сериозно да размислува како да се заштити земјоделското производство од климатските промени.