Земјоделците контра Министерството: Цената на пченицата е максимум 8,5 денари

Не точно дека откупната цена на пченицата се движи од девет до 10,5 денари за килограм како што соопшти вчера Министерството за земјоделство. Не сме сретнале до сега некој да плати повеќе од 8,5 денари со ДДВ, реагираат денеска производителите.

Тие стравуваат дека поради ваквите поинакви пресметки на Министерството, нема да добијат државна поддршка како надомест за разликата меѓу производната и откупната цена, што беше случај во претходните две години. Oстануваат на ставот дека откупната цена треба да биде десет до 12 денари за килограм.

– Не знам од каде му се овие податоци на МЗШВ. Вчера разговарав со производителите од Прилеп, Битола, Овче Поле. Ги слушнав и претставниците на Сојузот на земјоделците, регионалното здружение „Клас“, Националната федерација на фармери, здружението „Овчеполски фармер“. Сите имаат скоро идентични извори и изјави за цената на пченицата. Од седум до осум денари е цената на терен, зависно од видот на плаќањето и квалитетот. Не сме сретнале до сега некој да плати повеќе од 8,5 денари со ДДВ. Разговарав и со мелничарите, тие до сега не купиле пченица од земјоделците за повеќе од 8,5 денари – изјави за МИА претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

Според него, 10,5 денари е нереална цена и може да ја даде, ако продава, само ЗИК Пелагонија и тоа на своите сопствени млинови, но тоа нема никакво влијание врз формирањето на откупната цена за земјоделците.

– Со Министерството немаме иста пресметка и во однос на производната цена. Министерството вели дека е 9,14 денари за просечни приноси од 3,5 тони, а ние тврдиме дека е 10 денари зашто приносите не се 3,5 тони, туку три тона по хектар. Значи, околу 10 денари по хектар. Во ваков случај, на несовпаѓање на цените со Министерството, кога ќе бараме поддршка како своевиден надомест за разликата во производната и откупната цена, нема да добиеме, зашто ние ќе излеземе со едни, а МЗШВ со други цени – објаснува Шаклев.

И претседателот на „Овчеполски фармер“ Ангел Стојчев, кој застапува 3.000 – 4.000 производители од Светиниколоско, вели дека откупната цена на пченицата е максимум 8,5 денари. Тој укажува и дека целото производство е веќе откупено, само десет отсто задржале производителите за сопствени потреби.

– Пченицата во Овче Поле се продава по осум до 8,5 денари. Не е точно дека се продава по девет до 10,5. Министерството овие бројки ги вади од ракав. Нам, среќа, родот ни го откупи трговец кој, потоа, според наши информации, го препродаде во Грција. Така всушност добивме по осум денари. Инаку, нашите млинари даваат по пет или шест денари за килограм пченица- изјави Стојчев.

Тој се жали дека производителите нема со кого да разговараат. Побарале од Министерството денар-два како дополнителна цена уште пред жетвата, но веројатно нема да добијат.

И Мемет Синани од Национална федерација на фармери тврди дека откупната цена на пченицата е најмногу 8,5 денари за килограм. Некаде дури се плаќа и по минимални шест денари.

 

МИА