Аграрните невладини организации во Македонија (АНОМ) го осудуваат немилиот настан во Куманово, порачуваат политичките партии да им дадат целосна поддршка на безбедностите сили за справување и расчистување на случајот и апелираат да прекине организирањето секаков вид протести со што би се спречиле нови несакани инциденти.
АНОМ зад кој стојат Федерацијата на фармери, Сојузот на тутунски здруженија, Сојузот на земјоделци, Асоцијацијата на земјоделци, Раноградинарското здружение „ЕКО Градинар“, Здружението на тутунопроизводители „Жолто злато“, Агротиквешија – Кавадарци, Здружението за развој на земјоделството, Регионалниот центар на Сојузот на земјоделци – Струмица, Самостојниот синдикат на земјоделци – Кочани, воедно апелира на воздржаност и претпазливост при давање изјави или соопштенија.
– Ги повикуваме политичките партии и сите медиуми да не ја користат сложената безбедносно-политичка ситуација за дневно-политички цели и да не поттикнуваат нејзина натамошна ескалација. Сегашната политичка криза мора да се надмине со зголемен меѓупартиски дијалог и меѓусебно почитување во изнаоѓањето решенија низ институциите на системот, стои во денешното соопштение од АНОМ.
Земјоделските невладини организации изразуваат длабоко сочувство до семејствата на загинатите во Куманово, како и почит и признание за високата патриотска свест и пожртвуваност на сите учесници во акцијата „за ликвидирање на терористичката група“.
– Нашите одбранбени сили покажаа висока професионалност и борбеност во одбрана на граѓаните кои беа загрозени од една од најопасните терористички групи на Балканот. Со ова уште еднаш се потврди подготвеноста и големиот патриотизам на македонската полиција, да се справи со исклучително опасни и непријателски групи. Дополнителна причина за гордост е фактот што безбедносните сили беа составени од сите националности, без разлика на нивната верска припадност што живеат во Македонија, наведува АНОМ во соопштението.