Земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтерова скала ја погоди пустинската област на Јужна Калифорнија, после што беа оштетени згради и п-атишта, а неколку луѓе се повредени, соопштија локалните власти.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на Риџекрест, околу 240 километри од Лос Анџелес, на длабочина од околу 200 метри, пренесува АП и додава дека најновиот потрес ги оштетил патиштата во тој дел од Калифорнија.
Директорката за комуникации на пожарникарната бригада во округот Керн вели дека примиле повици од повеќе повредени, како и за пожари, но засега не знае детали.
Поради одроните од камења на патот во кањонот Керн Ривер запрен е сообраќајот, а на фотографиите од лице место се гледа еден дел од патот дека потонал во земја.
Пожарникарите во округот Сан Бернадино соопштиле дека има повеќе оштетени згради, а дека едно лице е лесно повредено во тој округ.
Тој потрес се случил ден после земјотресот со јачина од 6,4 степени на истото подрачје.
Денешниот земјотрес според проценките на сеизмолозите, е најсилниот потрес кој ја погодил Калифорнија во последните 20 години.
Земјотресот се случил во околу 19:15 часот по локално време, соопштил американскиот Геолошки институт.
Земјотресот се почувствувал во Лос Анџелес, Сакраменто, Лас Вегас и јужно од Мкесико.