Повеќе од педесет објекти се оштетени, а педесет семејства ги напуштиле своите домови во местото Плав, на северот од Црна Гора, на границата со Косово и Албанија, откако во четвртокот претпладнето во 11,46 часот оваа област беше погодена од силен земјотрес.
Земјотресот со магнитуда од 5,2 степени по Рихтер имал епицентар 7 километри северозападно од Плав, на длабочина од 14 километри. Десетина минути по него Заводот за метеорологија и сеизмологија на Црна Гора регистрирал уште еден потрес, овојпат со магнитуда од 3,2 степени, а следувале уште десетина послаби потреси.
Земјотресот најсилно е почувствуван во црногорските општини Плав, Гусуње, Андријевац, Беране, но значително е почувствуван и во главниот град Подгорица.
Црногорските сеизмолози предупредуваат дека на ова трусно подрачје наскоро може да се очекуваат уште потреси. Во погодената област активирани се штабови за заштита од елементарни катастрофи кои го прегледуваат теренот и ги згрижуваат семејствата чиишто домови се оштетени и е опасно да се престојува во нив.