Жените и децата на припадниците на џихадистичката терористичка организација Исламска држава (ИД) коишто се вратиле во Германија претставуваат безбедносна закана, предупредува директорот на службата за внатрешни разузнавање BfV, Ханс-Георг Маасен во интервју објавено во неделата.
Ханс-Георг Маасен вели дека откако Исламската држава претрпе загуби на голем дел од територијата што ја контролираше во Ирак и во Сирија, некои семејства на припадниците на оваа ултрарадикална сунитска организација се решиле за враќање во Германија.
„Децата коишто биле изложени на перење на мозоците во ‘училиштата’ на територијата на Исламската држава во голема мера се радикализирани. Тоа за нас претставува проблем, бидејќи таа деца може да бидат опасни“, вели Маасен.
Притоа, во разговорот за Süddeutsche Zeitung, додава дека и сопругите на џихадистите честопати исто така се силно радикализирани.
Од околу 950 луѓе коишто последните години ја напуштиле Германија за да се борат на Блискиот исток во редовите на Исламската држава, околу третината досега се вратиле, а за многумина се претпоставува дека загинале во борбените дејствија.
Германија, според законите, е обврзана да го гарантира влегувањето на сите кои имаат германско државјанство, така што не може да го попречува враќањето на нејзините државјани од регионите во кои се воделе борбени дејствија, а властите може да реагираат доколку е докажано кривично дело.