Жерновски ја разреши директорката на училиштето „11 Октомври“. Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска донесе решение со кое ја разреши Даниела Костадинова од должноста директор на општинското основно училиште „11 Октомври“.
Советот на општина Центар вчера расправаше за состојбата во училиштето и констатираше сериозни нарушување на санитарно–хигиенската состојба, со што е загрозено здравјето на учениците, информираат од општина Центар.
Како што се наведува во соопштението, градоначалникот ја утврди личната одговорност на директорката Даниела Костадинова за нанесената штета по здравјето на учениците и го донесе решението за нејзино разрешување, согласно член 133, став 2, алинеја 3 од Законот за основно образование.
Жерновски оцени дека директорката Костадинова, како одговорно лице за правилно и законито раководење на училиштето, ги занемарила своите законски обврски и должности и придонела за нарушување на санитарно-хигиенската состојба и загрозување на здравјето на учениците, се вели во соопштението од општина Центар.
Училиштето беше затворено поради труење
Општинското Основно Училиште „11-ти Октомври“ во Скопје минатата недела беше затворено за настава, по заедничката одлука на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Заедничката одлука беше донесена по добиените сознанија за труење на учениците и важеше до завршување на комплетните испитувања за појавувањето на труењето.