Жестокото лондонско дерби за Челзи, Тотенхем го следи

Фудбалерите на Челзи во рамките на второто коло од англиското првенство на својот „Стенфорд Бриџ“ со 3:2 (2:2) беа подобри од Арсенал, а втора победа на отворањето на шампионатот остварија во саботата и Тотенхем и Борнмут.

Во извонредно интересниот дуел Челзи по првите 20 минути имаше водство од 2:0 со головите на Педро во 9 минута и Мората во 20-та, но до крајот на првиот дел Арсенал чиишто играчи во меѓувреме не реализира најмалку пет ткн стопроцентни шанси успеаја да се вратат во игра преку Мктариан во 37 и Ивоби во 41 минута. И второто полувреме изобиливаше со динамичен фудбал, но и со бравурозни одбрани на двата голмана, а сепак бодовите да останат на „Стенфорд Бриџ“ се погржи Марко Алонсо во 80 минута, по што „топчиите“ повеќе немаа време уште еднаш да одговорат.

Со оваа победа Челзи моментално го зазема врвот на табелата со шест бодови, колку што имаат и Тотенхем и Борнмут, додека Арсенал и по второто коло и второто дерби е без бодови, што не е забележано со години нанназад.

Тотенхем на „Вембли“, каде што и годинава ги игра натпреварите на кои е домаќин, очекувано го совлада повратникот во Премиер лигата – Фулам со 3:1 (1:0). Својата надмоќ „Спарси“ успеаја да ја крунисаат дури во 43 минута преку Лукас Моура, но веќе во 52 минута Митровиќ израмни. Трипие, сепак, со одлично изведен слободен удар во 74 минута повторно го носи Тотенхем во предност, а победата ја запечати со својот прв гол воопшто во август Хари Кејн три минути подоцна.

Борнмут, пак, до новите три бода се радуваше со пресврт на гостувањето кај Вест Хем. Домашните поведоа со голот на Арнаутовиќ од пенал во 33 минута, но во вториот дел во 60 и 66 минута, стрелци за гостите беа Вилсон и Кук.

Евертон со головите во првото полувреме, Волкот во 15 и Ричарлисон во 31 минута, успеа да го совлада Саутемптон за кој стрелец беше Ингс во 54 минута.

Лестер, исто така, во првото полувреме обезбеди домашна победа над Вулверхемптон. Во 29 минута автогол си постигна Доерти, а во 45 минута погоди Медисон.

Кардиф и Њукасл, по поразите во првото коло, го освоија првиот бод во новата сезона, откако одиграа без голови.

Во недела играат Барнли – Вотфорд, Манчестер Сити – Хадерсфилд Таун и Брајтон енд Хоув Албион – Манчестер Јунајтед, а колото во понеделник ќе го затворат со меѓусебен дуел Кристал Палас и Ливерпул.