
Зетот за ќерка на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Куштрим Смајлај, на почетокот на 2022 година направил заедничка фирма со бизнисменот Ерџан Сулкоски и веќе во првата година направиле обрт од 12 милиони евра и профит од околу 2,5 милиони евра. Пред месец дена, Сулкоски го продал својот удел од 50% за 2 500 евра на Смајлај, покажуваат податоците од Централниот регистар, објавува порталот 360 Степени, пренесува НетПрес.
Во истата 2022 година Сулкоски „влегол“ во уште еден бизнис. За 24 000 евра добил 65% од компанијата РКМ, која во тој момент имаше гарантиран бизнис од 112 милиони евра за набавка на мазут за потребите на државните Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), а годината (очекувано) ја заврши со профит од 6,2 милиони евра.
На 11 јануари 2022 година две лица склучиле договор за основање на фирмата „К.С.А. Интернатионал“ во Македонија. Името на едниот содружник е Куштрим Смајлај, во тој момент, германски државјанин со привремен престој во Зајас. Во документите од Централниот регистар не пишува дека истиот Куштрим Смајлај е зет на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сопруг на неговата ќерка Ускана.
Вториот содружник во компанијата „К.С.А. Интернатионал“ е Ерџан Сулкоски, македонски државјанин со адреса на живеење во Кичево. Според податоците од Централниот регистар, веќе во првата година од работењето, фирмата на зетот на Ахмети и неговиот партнер направила приходи од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони евра.
Мислењето на Ахмети дека неговиот зет е партнер во „К.С.А. Интернатионал“ со многу други компании, не е точен, бидејќи негов единствен компањон досега бил Ерџан Сулкоски. Велиме досега бил, затоа што Сулкоски му го продал својот удел на Куштрим Смајлај во август годинава, за само 2 500 евра – колку што му бил основачкиот влог.
Не помалку интересно е тоа што кога Сулкоски и Смајлај ја регистрирале фирмата, за седиште ја избрале адресата „Партизански одреди“ број 102 во Скопје.
На локацијата има станбена зграда со повеќе станови и локали. Случајно или не, дел од нив се во сопственост на фирмата „Пуцко Петрол“ или семејството Јахоски. Случајно или не, на „Пуцко Петрол“ и семејството Јахоски е и бензинската пумпа веднаш до зградата на Партизанска бр. 102. Тоа е истото семејство Јахоски на пратеникот од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.
Но, партнерството со зетот на Ахмети не е единствениот бизнис во кој влегол Ерџан Сулкоски во 2022 година. Во август таа година, односно осум месеци откако почнал бизнис со Куштрим Смајлај, влегол и во компанијата „РКМ“, која до тој момент е во 100% сопственост на Ратко Капушевски. Не само што влегол во „РКМ“, туку и станал доминантен сопственик со 65% и тоа со влог од околу 24 000 евра во основната главнина.
Сето ова се случува неколку месеци откако РКМ добива два тендера за набавка на мазут за потребите на Електрани на Северна Македонија од вкупно 112 милиони евра.
Што значел тој тендер за „РКМ“, покажува историјата на финансиски податоци на фирмата.
Во 2018 година, „РКМ“ е компанија со приходи од околу 67 000 евра. Следната година расте на приходи од околу 800 000 евра, па на околу еден милион, па на близу 8,5 милиони евра – за лани да забележи вртоглав раст на приходите од 110 милиони евра.
Ако се погледне профитот, пак, „РКМ“ во 2018 година имала профит од околу 50 000 евра што и бил најдобар резултат се до 2021 година, кога профитот се искачил на 220 000 евра. Лани, добивката скокнала на 6,2 милиони евра.
Или, додека зетот на Ахмети е бизнис-партнер со Ерџан Сулкоски и прави профит од 2,5 милиони евра во првата година од работењето во фирмата „К.С.М. Интернационал“ – 2022-ра, истиот Сулкоски влегува како мнозински сопственик во фирмата „РКМ“ за мали пари во истата 2022 година кога „РКМ“ прави профит од 6,2 милиони евра, поради претходно обезбеден тендер за државните електрани тежок 112 милиони евра.
Целата сторија на www.360stepeni.mk