Фирмата „Армор плус“ на зетот на секретарката на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ, Димитар Петрески, со години добивала тендери распишани од Градот, обвини денеска на прес конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Чест добитник на јавните набавки и тендерите на Град Скопје каде се вртат милионски суми во денари е компанијата „Армор плус“. Тоа е компанија за набавка на заштитна противпожарна опрема, со седиште на булеварот Трета Македонска Бригада, број 48. „Армор плус“ е компанија е во сопственост на лицето Димитар Петрески, кој е сопруг на сестрата на Викторија Аврамовска Мадиќ, секретарка на Град Скопје. Секоја година компанијата „Армор плус“ добивала јавна набавки од Градот. Во ноември лани добила тендер за заштитни одела во износ од речиси 5 милиони денари. Ваква слична јавна набавка имало и еден месец порано во износ од 350.000 денари – рече Стоилковски.
Тој наведе дека во 2019 година зетот на Аврамовска Мадиќ од Град Скопје добил јавна набавка во вредност од над 2 милиони денари.
– Ваква набавка истата фирма добила и во други два наврата во 2017 година, веднаш по стапувањето на Петре Шилегов на функцијата градоначалник на Скопје, во вредност од над 2 милиони денари. Значи Градот Скопје воден од Петре Шилегов во околу 5 наврати исплатил 10 милиони денари на компанијата на зетот од сестра на секретарката на Град Скопје. Очигледно на повидок е нов случај а-ла „Драги Рашковски“ овој пат во градот Скопје, раководен Петре Шилегов – вели Стоилковски.
Тој прашува и дали ова се единствените јавни набавки или имало и повеќе други, каде што се врзуваат вакви зетовски, снаовски, балдиски врски, поврзани со Петре Шилегов и со секретарката на Град Скопје?