Министерството за здравство информира дека Институтот за јавно здравје денес го објави неделниот извештај за периодот од 13 до 19 јули 2020 година, кој што покажува намалување на бројот на новозаболени и оздравени лица, а зголемување на бројот на починати лица во однос на претходната недела.
Во дадениот период направени се вкупно 8.161 тестирања (1.834 помалку од периодот 6–12 јули што се должи и на еден дополнителен неработен ден) и регистрирани се 1.038 позитивни случаи на Ковид-19 што е за 35 случаи помалку од претходната недела.
Новозаболени се регистрирани во 26 града при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (39.9%) и во Штип (14,4%). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во овој период се забележува промена на старосната структура на новозаболените во однос на претходните недели при што најголем процент се лица помеѓу 40–49 години 21,1%, потоа лица над 60 години 20,6%, поголем број новозаболени се регистрира кај лица помеѓу 30-39 – 20,4% и кај лица од 50-59 години – 19,7%. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа 0-9 години – 2,2%, и од 10-19 години – 3,5% од вкупниот број на новозаболени.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 88 лица или 9,5 % од новозаболените што претставува намалување за 2% во однос на претходната недела на известување, а кај 275 лица или кај 29,5% регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за 2% повеќе од претходната недела.
Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 38,6% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 12 лица (10 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот 13-19 јули регистрирани се 545 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 472 лица помалку од претходната недела на известување (6 – 12 јули). Пред ова намалување од 40% на неделниот број на оздравени лица, три недели бројот на оздравени лица бележеше раст за околу 40% на неделно ниво.
Во периодот 13 до 19 јули, регистрирани се 44 смртни случаи, што е 8 повеќе смртни случаи од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 81,8%. 41 од случаите се починати во болнички услови, а 3 вон болнички. Кај 35 од смртните случаи (79,5%) регистрирани се претходни коморбидитети.
На 19 јули 2020 година, според извештаите од болниците КИБФС, ГОБ 8-ми Септември, ИБЗД Козле, Клинички болници Битола и Штип, Општи болници Прилеп, Куманово, Велес и Гостивар, хоспитализирани се 392 лица позитивни на Ковид-19, од кои 102 се на кислородна поддршка, а 5 на механичка вентилација.