Бројот на имигрантите коишто преку Албанија се обидуваат да дојдат до западна Европа оваа година остро се зголемил, а криумчарите со луѓе отворија нова балканска рута за оние коишто поради судирите и немаштијата ги напуштаат регионот на Блискиот исток, северна Африка и Азија, пишува во својата репортажа агенцијата Reuters.
Приливот имигранти коишто преку Албанија и соседната Црна Гора до најновата членка на Европската унија, и натаму, е скромен во однос на стотиците илјади луѓе во времето на кулминацијата на европската мигрантска криза во 2015 година. Меѓутоа, бројот на имигрантите во оваа 2018 година расте брзо. Албанските власти во првите пет месеци од годинава запреле 2.311 имигранти, додека во ситиот период минатата 2017 година приведени се само 162 лица, двојно повеќе отколку во текот на целата претходна 2016 година. Во текот на кризата во 2015 година, имигрантите се движеа од Грција, преку Македонија и Србија во Унгарија, којашто, исто така, е членка на ЕУ, сѐ додека оваа рута Унгарците не ја затворија со подигнување ограда и постојани патроли.
Со затоплувањето на времето имигрантите сѐ почесто се осмелуваат да тргнат на неизвесниот пат од пренатрупаните бегаласки кампови во Грција, иако владата во Атина смета дека досега добро го контролирала движењето на имигрантите. Меѓутоа, сега сиромашната Албанија повика на тревога и во мај побара помош од Австрија, чијашто десничарска влада ги заостри прописите во однос на миграциите. Оваа седмица, пак, во Босна и Херцеговина се сретнаа полициски функционери и припадници на другите безбедносни служби за да разговараат за сѐ поголемиот притисок на новата балканска рута. Оваа година во БиХ влегле повеќе од 5.500 беглаци и имигранти.
Албанската полиција во меѓувреме уапси неколкумина криумчари со луѓе, вклучително и двајца Алжирци кои оваа седмица се уапсени во близината на границата со Црна Гора. Владата во Тирана ја поздрави одлуката на Европската агенција за европска гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) да испрати свои сили во борбата против криминалот и запирањето на илегалната имиграција.
Имигрантите сега сѐ повеќе се обидуваат да влезат во ЕУ преку новата балканска рута, но нивните искуства не се менуваат. Сириецот Фејсал Грдаве од Хомс сака да дојде до Малта или Италија, каде што се наоѓаат негови пријатели и членови од семејството. Градве и тројцата негови пријатели се дел од групата од 30 луѓе коишто ја напуштиле Сирија, но животот во азилантските центри не е „слобода којашто ја бараат“, вели за Reuters. „А храната е полоша отколку во сириски затвор“, додал неговиот пријател Махр.
Имигрантите од Мароко, Алжир и Пакистан, советуваат да се оди во Италија, бидејќи таму веднаш добиваат документи. Со еден совет „Вардете се од хрватската полиција, знаат лошо да тепаат“. Хрватската полиција тврди дека сѐ работи во рамките на законот, а министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ објави дека оваа година поради шверцот со луѓе уапсени се 144 лица.
Новата таканаречена Северна балканска рута, раскажува 29-годишниот Хишем Бусадиа, е многу тешка и опасна. Тој одел од Турција во Грција па во Црна гора, но таму веќе двапати го приведувале.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц и албанскиот премиер Еди Рама се согласија дека проблемот треба да се решава сега, на почетокот, пред да прерасне во голем проблем, како и во 2015 и 2017 година. Курц, исто така, ѝ понуди финансиска поддршка на Тирана.