ФЗОМ: Зголемена достапност на лекови

mde

Достапноста на квалитетни лекови за сите осигуреници во Македонија е континуирана заложба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и во 2015 година на нашите осигуреници им овозможи поголема достапност на лекови, олеснување на начинот на добивање лек на товар на Фондот, нагласија на денешната прес конференција во ФЗОМ директорите Сашо Стефановски и Орхан Рамадани.

Како што посочија, во 2015 година осигурениците можеле да подигнат лекови од Листата на лекови на товар на Фондот во примарна здравствена заштита во 772 аптеки, односно 695 аптеки – организациони единици, 68 аптекарски станици, 3 рурални аптеки и 6 подвижни аптеки, на територија на цела држава. Лекови на рецепт на товар на Фондот подигнале 1,25 милиони осигуреници, односно 67.5% од просечно 1.85 милиони осигуреници.

Во 2015 година преку аптеките достапни беа 1.153 лекови по заштитено име од различни производители за нашите осигуреници. Бројот на генерики со фармацевтска форма и јачина во 2015 година достигна 427 генерики за примарна здравствена заштита, од кои 321 генерика, односно 75% се без доплата. Ако споредиме со 2009 година, имаме зголемување на бројот на достапни генерики и значително зголемување на бројот на лекови без доплата. За илустрација, во 2009 достапни беа 377 генерики, од кои само 20% беа без доплата, посочуваат од ФЗОМ.

Оттаму велат дека потрошувачката на лекови на рецепт бележи континуиран пораст во изминатите години поради  поголемата достапност на здравствената заштита на граѓаните на Република Македонија. Со реализација на проектите на Владата, рурален доктор, рурални аптеки и аптекарски станици лековите се приближуваат до граѓаните, кои станаа подостапни за нив а тоа резултира со поголема потрошувачка на лекови. Фондот за 2015 година издвои околу 2,5 милиони денари за лекови.

Кои се најпотрошувани лекови?

Од вкупно 14  групи на лекови најпотрошувани лекови се од групата за кардиоваскуларен систем, со 9,2 милиони рецепти и потрошувачката во 2015 бележи 9% пораст во однос на 2014 година, а во финансиските средства се 6% поголеми во споредба со 2014, односно во 2015 потрошени се 672,8 милиони денари. Од оваа група на лекови, АТЦ група C, лекови на рецепт во аптеките во 2015 година подигнале  460.210 осигуреници на Фондот.

Лековите за нервниот систем се втора најпотрошувана група на лекови во 2015 година со 3,25 милиони рецепти што е 14% повеќе од 2014 година, а финасиски средства се 5% поголеми во споредба со 2014 година, односно изнесуваат 365,16 милиони денари во 2015 година. Од оваа група на лекови, АТЦ група N, лекови на рецепт во аптеките во 2015 година подигнале  409.886 осигуреници на Фондот.

Лековите за респираторен систем се трети по потрошувачка со потрошени 358,9 милиони денари за 1,03 милиони рецепти што е за 7% повеќе рецепти од 2014 година а што е зголемување од 15% поголем износ во споредба со 2014 година, кога финансиските средства изнесувале 313,12 милиони денари. Од оваа група на лекови, АТЦ група R, лекови на рецепт во аптеките во 2015 година подигнале 275.946 осигуреници на Фондот.

Зголемената потрошувачка на лекови на рецепт на товар на Фондот го следи и светскиот тренд за зголемена консумација/потрошувачка на лекови, што во периодот од 2008 година досега се гледа преку зголемените количини на обезбедени лекови за осигурениците и приближно двојно зголемените одвоени вкупни износи за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ. Во 2015 година финансиските средства за лекови на рецепт се 2.425.655.134 денари за реализирани 21.129.626 рецепти, што претставува 9% пораст во бројот на реализирани рецепти и 7% повеќе средства во однос на 2014 година.

Зголемен буџетот за лекови

За споредба ако во 2002 за лекови се одвојувале 1, 2 милијарди денари за 8 милиони рецепти, а во 2008 се одвојувале 1,3 милијарда денари за 10 милиони рецепти, во 2015 година државата го зголемува буџетот за лекови на 2,5 милијарди лекови за 21 милион рецепти. Разликата од пред 10 години е во тоа што осигурениците приватно си ги плаќале лековите кои беа неколкукратно поскапи.

 

Потрошувачка на лекови по региони во 2015 година покажува дека просечната потрошувачка е зголемена во сите региони, освен во југоисточниот, каде бележи незначително намалување на бројот на рецепти. Потрошувачката е најголема во скопскиот регион, а најмала во североисточниот регион.

Потрошувачката по број на реализирани рецепти е најголема во скопскиот регион, со вкупно реализирани 6.663.032 рецепти (околу 31,5%). Потрошувачката на лекови на рецепт по вкупни износи повторно е најголема во Подрачна служба Скопје со вкупно 816.428.382,21 денари (околу  33,6%). Потоа следи пелагонискиот регион со 2,773 милиони рецепти за кои се испалтени 299,94 милиони денари и на трето место е југозападниот регион со реализирани 2,336 милиони рецепти за кои се исплатени 255,73 милиони денари.

За првите десет најпотрошувани лекови по генерика по износи, Фондот во 2015 година издвоил 810,7 милиони денари или 33% од вкупните средства за лекови, додека за десетте најпотрошувани лекови по рецепти се реализирани 8,8 милиони рецепти или 42 % од вкупниот број на реализирани рецепти.

Првите три најпотрошувани лекови по износи се генериките: Atorvastatin – лек за намалување на маснотии во крв,  Tamsulosin – лек за простата, Salmeterol + fluticasone – лек за респираторен систем, против астма и ХОББ, а по реализирани рецепти првите три најпотрошувани генерики се: Enalapril – лек за покачен крвен притисок, Diazepam – лек за нервен систем и Lisinopril – лек за покачен крвен притисок. Во првите десет најпотрошувани лекови влегуваат и лекови за дијабет, реума, желудник и бактериски инфекции.

Во првиот квартал од 2016 година во споредба со истиот период од 2015 година во аптеките на товар на Фондот се реализирани 5.347.275 рецепти, што е за 3% или 154.599 рецепти повеќе од истиот период минатата година, а средствата издвоени за таа цел се во вкупен износ од 627.277.931 денари што пак е за 5% или 30,18 милиони денари повеќе од 2015 година.

Најголем пораст на потрошувачката нае лековите може да се види од АТЦ група Б – лекови кои делуваат на крв и крвотворни органи. Кај нив се забележува пораст од 17% во бројот на рецепти кој изнесува 10.956 рецепти повеќе од лани во истиот период, за кои се издвоени 26% повеќе средства, во износ од 1.963.059 денари.

Голем раст на потрошувачка се гледа и кај лекови од АТЦ група А – лекови за дигестивен систем со 8,12% повеќе рецепти или за 51.558 рецепти повеќе од првиот квартал во 2015 година, со износ поголем за 10,14% односно за 5.206.286 денари.

Според износите, за АТЦ групата R – лекови за респираторен систем, се бележи раст од 9,67% односно износ поголем за 8.312.174 денари во првиот квартал од 2016 година за разлика од 2015 година истиот период. Бројот на рецепти за оваа група на лекови во првиот квартал од 2016 година е зголемен за 1,1% односно за 2857 рецепти во однос на истиот период минатата година.

Најголем раст на потрошувачката по број на реализирани рецепти има кај лекот за дијабетес – metformin за кој во првиот квартал од 2016 година се реализирани 34.798 рецепти повеќе во однос на истиот период минатата година.

Најголем раст во однос на вкупниот износ има за лекот за респираторни заболувања –  thiotropium bromide за кој се издвоени 3.357.679 денари повеќе во однос на првиот квартал од 2015 година.

Главните параметри од анализите на Фондот за потрошувачка на лекови претставуваат солидна основа за подлабински истражувања и мерки, но и база на податоци за креирање на здравствени политики и стратегии, со цел да се зголеми нивото на квалите на здравствените услуги и достапноста на квалитетни лекови за нашите осигуреници.