Зголемена поддршката за вооружената борба меѓу Палестинците

Поддршката за вооружената борба како најдобро средство за ставање крај на израелската окупација и за постигнување државност меѓу Палестинците е зголемена, додека поддршката за милитантната група Хамас, исто така, благо пораснала во последните три месеца.

Анкетата на Палестинскиот центар за истражувањa и истражување на политиките (PSR) покажала дека поддршката за вооружената борба се зголемила за 8 отсто на 54 отсто од анкетираните на Западниот брег и Појасот Газа. Поддршката за Хамас се зголемила за 6 проценти на 40 проценти, додека Фатах имал 20 проценти поддршка.

Истражувањето е спроведено по осумте месеци војна во Газа, која започна кога милитантите на Хамас упаднаа во воените бази и населените места во јужен Израел, убивајќи околу 1.200 лица од кои 900 се цивили на различни возрастие и киднапирајќи уште 250, според израелските податоци.

Според здравствените власти во Газа од пред повеќе од еден месец, повеќе од 37.000 Палестинци, од кои две третини се деца и жени, се убиени како резултат на израелската офанзива во Газа со која владее Хамас. Според податоците од средината на мај уште повеќе од 10.000 Палестинци се водат како исчезнати под урнатините ширум енклавата.

Анкетата покажа дека две третини сметаат дека нападот на 7 октомври е правилна одлука, што е пад од 4 отсто во однос на претходната анкета. Таа, исто така, покажа дека околу 80 отсто од Палестинците во Газа изгубиле роднина или имаат роднина кој бил повреден во војната.

Валид Лададве, шеф на истражувачката единица PSR, вели дека зголемувањето на поддршката за Хамас и вооружената борба е реакција на уништувањето и убиствата на Израел во Газа. Тој, исто така, вели дека анкетата го одразува незадоволството од Палестинската самоуправа со седиште во Рамала на Западниот брег, предводена од претседателот Махмуд Абас, која долго време се обидува да преговара за создавање палестинска држава покрај Израел и ја отфрла вооружената борба.

Мировниот процес за кој Палестинците се надеваа дека ќе им донесе држава во Појасот Газа и на Западниот брег со источен Ерусалим како главен град, територии заземени од Израел во војната во 1967 година, со години е во опаѓање. Во меѓувреме, Израел ги прошири своите населби на Западниот брег и продолжи да се спротивставува на палестинската државност.

Абас и исламистичкиот Хамас долго време се судираа околу стратегијата. Хамас смета дека неговиот пристап да се преговара за палестинска држава е неуспешен и се залага за вооружена борба.

„Оваа војна, како и претходната, има радикализирачки ефекти врз двете страни“, вели Гасан Хатиб, предавач на Универзитетот Бирзеит на Западниот брег, окупиран од Израел.

Истражувањето покажа дека повеќе од 60 отсто од Палестинците поддржуваат распуштање на парламентарното собрание, а 89 отсто од нив сакаат Абас да поднесе оставка.

Хамас ја презеде контролата врз Појасот Газа од парламентарното собрание во 2007 година, откако го победи Фатах на парламентарните избори една година претходно.

Додека анкетите покажуваат дека Хамас има поголема поддршка од Фатах, најголема поддршка за наследник на Абас има затворениот лидер на Фатах, Марван Баргути, со 39 отсто поддршка. По него е политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије со 23 отсто.

„Не знам дали тоа е вистина или не, но за жал звучи како да е. Кога Хамас е поразен, ние сакаме Газа да биде управувана од нејзиниот народ, а не од оние кои имаат намера да убиваат Евреи“, коментираше портпаролот на израелската влада Давид Менсер.