Зголемена терористичка закана за Данска, соопштија безбедносните служби

Заканата од тероризам во Данска и против нејзините интереси во странство е зголемена поради израелската војна, наводно, против милитантите на Хамас во палестинската енклава Појасот Газа и серијата палење на светата муслиманска книга Куранот во Данска минатата година, соопшти во четвртокот данската безбедносна и разузнавачка агенција PET.

Безбедносната служба го оцени целокупното ниво на закана како ниво 4 на скала до 5, но изјави дека ризиците во тоа ниво се зголемени.

„Конфликтот меѓу Израел и бројните милитантни групи загрижува многу луѓе, вклучително и Данска“, се вели во соопштението на PET.

„Конфликтот, исто така, содржи значителен потенцијал за радикализација и мобилизација, што потенцијално може да ги активира актерите за спонтани или планирани реакции во Данска, вклучително и терористички напади“, се вели во предупредувањето.

Минатата година антиисламските активисти сквернавеа и палеа неколку примероци на Куранот во Данска, а исто така и во соседна Шведска, две од најлибералните земји во светот, кои дозволија жестоки па и насилни критики на религијата во име на слободата на говорот.

Шведска ја подигна тревогата за тероризам на второто највисоко ниво, велејќи дека ги спречила нападите откако палењето на Куранот и другите дејствија против најсветиот текст на исламот предизвикаа закани од џихадистите.

Во декември, данскиот парламент донесе закон со кој се забранува палење на Куранот на јавни места, со цел да се намалат тензиите со муслиманските земји.