Зголемени мерките за безбедност во Белград по нападот пред израелската амбасада

Непознато лице, чиј идентитет се утврдува, со самострел застрелал припадник на српската полиција кој бил на безбедносна должност во израелската амбасада во Белград. Полицаецот го извлекол службениот пиштол и пукал во напаѓачот кој починал 30 минути по инцидентот.

Полицаецот е пренесен во болница и врз него е извршен оперативен зафат.

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ истакна дека ова е терористички напад.

„Најостро го осудувам грозоморниот терористички напад во Белград пред израелската амбасада. Државата решително ќе одговори на заканата од тероризам. Секој што мисли дека може да не дестабилизира со такви непостапувања, греши“, рече премиерот.

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека нападот врз припадникот на полицијата се третира како акт на тероризам.

„Специјалното обвинителство го презеде раководењето со случајот“, изјави Дачиќ пред новинарите во Ургентниот центар каде го посети повредениот полицаец.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека околу 11 часот на 29 јуни, непознато лице, чиј идентитет се утврдува, со самострел застрелал припадник на полицијата кој бил на безбедносна должност во израелската амбасада, удирајќи го во вратот.

„Се истражуваат сите околности на нападот и можните мотиви“, изјави Дачиќ.