Зголемените каматни стапки на хип отекарните кредити веројатно турнале околу 320.000 британски граѓани во сиромаштија, речиси 100.000 повеќе отколку што покажува официјалната статистика, објави во четвртокот Институтот за фискални студии.
Каматните стапки на стандардниот двегодишен хипотекарен заем паднаа од нешто повеќе од шест проценти минатата година на нешто повеќе од пет проценти но сè уште се далеку над нивото од 2022 година кога централната банка започна да ги зголемува трошоците за задолжување со забрзано темпо.
Растот на цените на кредитите им наштети на многу повеќе граѓани отколку што покажува официјалната статистика, наведува институтот во извештајот, бидејќи заводот за статистика користи ограничени податоци за приходите на домаќинствата и ја базира пресметката на просечната каматна стапка за сите домаќинства.
Затоа статистичките извештаи укажуваат на многу помал број сиромашни граѓани отколку што би покажала пресметката заснована на поширок опфат на податоци, а во следната година јазот ќе биде уште поголем, вели Сем Реј-Чаудхури, економист на институтот.
Дополнителна причина за ниската бројка е инфлацијата, која различно влијае на социјалните групи, објаснува Реј-Чаудхури од институтот кој е финансиран од фондацијата „Џозеф Роунтри“ за борба против сиромаштијата.