Зголемено нивото на реките Брегалница, Црна, Пчиња и Струмица

Водостоите на реките Брегалница, Струмица, Пчиња и Црна се високи, информираат од УХМР.

Дополнително зголемување на и така веќе високите водостои на реките во земјава ќе предизвикуваат и најновите врнежи кои паднаа во текот на изминатава ноќ и утрово.

Зголемувањето се очекува да биде најизразено во јужниот и источниот дел на земјата каде ќе бидат најголеми покачувањата на водостоите, додека во западниот дел тоа помалку ќе биде изразено со исклучок на сливот на река Црна каде има доста висок водостој и се очекува негово натамошно зголемување.

Можна е појава на локално излевање и поплавување на некои места во сливот на Брегалница, Струмица (Радовишкот крај и низводно од него), Пчиња, Крива како и на помалите реки и суводолици во Гевгелиско – Валандовската котлина и реонот околу Кавадарци и Неготино.

Висок водостој се очекува и на водотеците кои доаѓаат од деловите околу планинскиот масив Кожуф, односно реките Коњска, Бошава, Кованска, Серменинска, Анска, Луда Мара и Стара, како и на водотеците и суводолиците од планинскиот масив Беласица.

Во западниот дел на земјата висок е водостојот на реката Црна во нејзиниот горен и средишен дел од сливот и се очекува таков да биде и во текот на целиот ден а не е исклучена и појава на локални заезерувања во Пелагониската Котлина.

Во текот на денешниот ден и утре ќе се задржат високите водостои во посочените сливни подрачја и предупредуваме на претпазливост и внимателно следење на состојбата.