Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со стручните служби од секторот за урбанизам и патен сообраќај, остварија работна средба со претставници на граѓанското здружение „Биди Зелен“.
Тема на средбата беше иницијативата на граѓанското здружение во однос на креирање на нови прописи со кои се уредува планирање и проектирање на велосипедска инфраструктура во населено место и надвор од него. На средбата беше потврден фактот од недостаток на инфраструктура за велосипеди како услов за безбеден сообраќај од една страна, но и како еден од главните фактори за намалување на аерозагадувањето.
Вицепремиерот и министер за транспорт Николоски ја поздрави оваа иницијатива и истакна дека министерството е подготвено со заедничка соработка со граѓанските здруженија да се креираат нови нормативи и стандарди како во иднина квалитетно би се планирала и би се реализирала вело-инфраструктурата.
Исто така, министерот Николоски ја истакна подготвеноста на Министерството во следната буџетска година да се предвидат и средства за субвенции за купување на нови велосипеди со цел да се намали користење автомобили и да се влијае врз намалување на аерозагадувањето како мерка за заштита на животната средина.
Министерот испрати и апел до сите општини, во рамките на финансиската поддршка за општините од 250 милиони евра планирана за следната година, општините да аплицираат за проекти за изградба на велосипедски патеки со цел да се подигне квалитетот на вело-инфраструктурата на општинско ниво и да се поттикне користење велосипеди во урбаните средини.
Во следниот период, стручните служби од министерството и претставници од граѓанското здружение „Биди Зелен“, заеднички ќе работат на креирање на нови прописи за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска мрежа.