Зголемувањата на пенисите не успеваат и може да бидат ризични

Оперативните зафати за зголемување на пенисот не успеваат и може да бидат многу опасни, покажува најновата студија објавена во петокот во медицинското списание Sexual Medicine Reviews.

Со студијата била опфатена и ткн мета анализа на вкупно 1.192 мажи во спроведени 17 различни истражувања. Станува збор за мажи кои се подвргнале на 21 хируршки и нехируршки видови зафат за зголемување на пенисот.

Според студијата, оперативните зафати не биле успешни и честопати предизвикувале компликации. Во нехируршките зафати со употреба на продолжувач, во некои случаи забележано е зголемување на пенисот, но помалку од два сантиметра.

Во зафатите со инјекции, кога се „зголемува обемот, забележани се големи стапки на компликации“. Зафатите, пак, со вакуумска пумпа „не довеле до зголемување“, стои натаму во студијата.

Во хируршките интервенции кои вклучуваат пресекување на суспензорниот лигамент, пресадување на ткиво, некои мажи „забележале значително зголемување на големината“. Меѓутоа, ниедна од овие техники не се потврдила како успешна, а покрај тоа компликациите биле чести, се додава во истражувањето.

„Доказите за зголемување на малите пениси кај нормалните мажи се ретки и со лош квалитет. Хируршките зафати и инјекциите би требало да бидат последната можност“ за зголемување на големината на пенисот, се заклучува во студијата.