Жалбите за изборни нерегуларности во Србија треба соодветно да се истражат, насилството е неприфатливо, велат од ЕУ

Иако правото на мирни демонстрации мора да се зачува, насилството не е решение и е неприфатливо, а жалбите дека имало нерегуларности за време на локалните парламентарни избори во Србија треба соодветно да се истражат, соопшти денеска Европската комисија, пренесува Бета.

„Европската Унија повикува на мир и дијалог“, соопшти Европската комисија на барање на телевизијата Н1 да ги коментира низата настани во Србија што се случија по вонредните парламентарни и локални избори одржани на 17 ноември.

„Иако правото на мирни демонстрации мора да се зачува, насилството не е решение и е неприфатливо. Полициските дејствија мора да бидат пропорционални и да ги почитуваат основните права во рамки на владеењето на правото“, велат од Европската комисија.

Како што додаваат, „приговорите за изборни нерегуларности треба соодветно да се истражат и да се постапи по нив“.

Во изјавата објавена на 19 декември, Борел и Вархеји изразија очекување дека „веродостојните извештаи за (изборни) нерегуларности ќе бидат разгледани на транспарентен начин од надлежните органи на Србија“.

„Ова ги вклучува наводите поврзани со локалните избори во Белград и другите општини. Го повикуваме политичкото раководство на Србија да обезбеди конструктивен и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар“, порачаа Борел и Вархеји.