Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дриан во интервју за денешното издание на париски „Ле Монд“ појасни дека го повикал кинескиот амбасадор во Франција затоа што персоналот на француските домови за стари лица бил „клеветен“ на интернет страницата на кинеската амбасада во Париз во контекст на кризата со Ковид-19, јави дописникот на МИА.
– Не можам да прифатам дека персоналот на нашите Ехпад (сместувачки капацитети за зависни стари лица) да бидат клеветени од никого, вклучително и од кинеската амбасада. Јас го кажав тоа. Ние очекуваме да бидеме почитувани, бидејќи и Кина сака да биде почитувана. Имаме односи на дијалог и соработка, што не наведува да го кажеме она што мислиме, рече тој во интервјуто за весникот „Ле Монд “.
Во долг текст објавен на 12 април на веб-страницата на кинеската амбасада во Франција, медицинскиот персонал на „Ехпад“ е обвинет дека „ги напуштил своите работни места во текот на ноќта (…) оставајќи ги своите станари да умрат од глад и болес “. Во овој текст под наслов „Исправки на искривените факти – набљудувања на кинески дипломат на функција во Париз“, западните земји се обвинети и за неправедно непочитување на Кина, откако ја нарекоа болеста „Ковид-19“ како „грипче“ на почетокот на епидемијата .
Жан-Ив Ле Дриан го повика на разговор амбасадорот Лу Шеи на 14 април за да го изрази своето „неодобрување“ за забелешките што не се „во согласност со квалитетот на билатералните односи“ меѓу Франција и Кина, појасни со комунике Кеј Д’Орсеј.
Пекинг веднаш одговори дека станува збор за „недоразбирања“ и негираше каков било „негативен коментар за начинот на кој Франција се соочува со епидемијата на коронавирусот.
Соочена со голем број критики, кинеската амбасада тогаш појасни дека всушност ја посочувала Шпанија, каде што армијата пронашла луѓе што починале во овој вид на институции на крајот на март. Но, употребата на акронимот „Ехпад“, малку користен надвор од границите на Франција, се сметаше како критика за старските домови во Франција. На крајот, реакцијата на Пекинг „овозможи да се отстрани какво било недоразбирање, инсистирајќи на потребата да се работи заедно во нов мултилатерализам“, рече францускиот министер за надворешни работи.
Жан-Ив Ле Дриан во долгото интервју за „Ле Монд“ исто така нагласува дека пандемијата која се должи на коронавирусот „ги зголемила фрактурите кои го минираат светскиот поредок“.