Жена од Чикаго е уапсена на аеродромот во Флорида, откако предизвикала лажен аларм дека во авионот има подметнато бомба, објавија локалните медиуми во средата повикувајќи се на судски документи и властите.
Четириесет ишестгодишната Марина Вербитски, која патувала со сопругот и синот, била уапсена во понеделникот утрото на меѓународниот аеродром „Форт Лаудердејл-Холивуд“, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Броувард.
Вербитски на персоналот на аеродромот му рекла дека во нејзиниот багаж кој веќе бил ставен во авионот се наоѓа бомба, откако ѝ било речено дека не можат да се качат на летот затоа што стасале доцна.
Потоа жената била приведената, а авионот кој се подготвувал за полетување бил запрен. Патниците биле евакуираниа и авионот темелно прегледан по што било утврдено дека тревогата е лажна. Летот бил одложен за вторникот.
Семејството на Вербитски изјавило за весникот Sun-Times дека жената била загрижена дека нејзиниот син ќе пропушти настава.
Вербитски е притворена и кривично пријавена за лажна закана со бомба, експлозив или оружје за масовно уништување, за што ѝ се заканува сериозна казна. Судијата ѝ одредил кауција од 10.000 долари, но и наложил процена на нејзиното ментално здравје.