Жена се бори за живот по вчерашното пукање во БиХ во кое беа убиени три лица и три повредени

Жена родена 1969 година била тешко ранета вчера во градот Градачац, Босна и Херцеговина, кога 35-годишниот Нермин Сулејмановиќ изврши убиство на три лица, а уште три беа повредени, објави кликс.ба.

Тој пукал во жената и во членовите на нејзиното семејство. Таа сè уште е во тешка состојба во Универзитетскиот клинички центар во Тузла.

„Пациентот е сè уште на машината за вештачка вентилација. Во текот на денот се планираат дополнителни дијагностички мерки, од кои зависат понатамошните чекори. Ситуацијата е сè уште тешка“, изјави портпаролот на Клиничкиот центар, Елдар Шехиќ.

Покрај оваа жена, во болницата во Тузла е хоспитализирана уште една жртва на Сулејмановиќ. Станува збор за маж со иницијали Н.П. кој вчера бил донесен со повреди на долните екстремитети, поради што е хоспитализиран на Клиниката за ортопедија и трауматологија. Неговата моментална состојба е стабилна.

Инаку, убиецот вчераутро во живо на Инстаграм го пренесуваше убиството на невенчаната сопруга на Н.Х. Покрај неа, убил татко и син (23) кои добро ги познавал, а ја ранил нивната сопруга односно мајка. Во масовното пукање се ранети уште еден полицаец и еден граѓанин.

Министерот за внатрешни работи на Босна и Хереговина, Хајрудин Механовиќ вчера соопшти дека бодибилдерот Нермин Сулејмановиќ ја убил својата невенчана сопруга бидејќи таа неколкупати во минатото го пријавувала за насилство. Тој соопшти дека убиената жена во јули поднела пријава за насилство против убиецот, но поради страв ја повлекла.

Од Обвинителството во Тузла, пак, соопштија дека последната пријава за семејно насилство за ова лице од убиената жена пристигнала пред само три дена, но кога властите ја започнале процедурата, таа повторно ја повлекла пријавата.