Жена со две деца синоќа заглавила на Водно

На бројот за итни случаи 112 во ЦУК, вчера била добиена порака дека на врвот на Водно кај жичницата, останале лица кои барале помош. Жена со две малолетни деца задоцниле на последното возење. Жичницата повеќе не работела и темницата веќе не им дозволувал да се движат безбедно, а немале и не знаеле друг начин за да се симнат надолу кон Средно Водно, повикале помош.

Регионалниот ЦУК Скопје веднаш стапил во контакт со одговорното лице од ЈСП Скопје и е добиена информација дека жичницата веќе е затворена и дека не може повторно да се активира.

„Дежурните од Секторот за операции и координација во ЦУК, биле во постoјана комуникација со госпоѓата, со генералниот секретар на Црвениот Крст и со други можни субјекти коишто можат да помогнат при вакви ситуации. Согласно ситуацијата, а и можности за помош, по куса координација, била решена ситуацијата со задоцнетите посетители на врвот на Водно над Скопје“, велат од ЦУК.

Со службен џип на Армијата, којшто бил во околината, тие биле пронајдени и превезени до нивното возило на Средно Водно.

По 21 часот жената информирала во ЦУК дека со двете деца е на безбедно во нејзиното возило и дека возејќи се спушта надолу кон својот дом во градот.