Жената е најнежното, но и најсилното човечко битие и столбот на семејството – да ја заштитиме!

„НЕМА ОТКАЖУВАЊЕ, СИТЕ СМЕ ДО ТЕБЕ” – ова беше пораката упатена до сите жени на денешниот јавен брифинг за политиките на државата во заштитата на жените во организација на Комисијата за еднакви можности на Советот на Град Скопје и Комисиите за еднакви можности на Општините Кисела Вода и Гази Баба.

Во рамки на активностите во месец март, а по повод одбележувањето на денот на жената, денес во организација на Комисијата за еднакви можности на Советот на Град Скопје и Комисиите за еднакви можности на Општините Кисела Вода и Гази Баба се одржа јавен брифинг за политиките на државата во заштитата на жените.

Потенцираме дека секој ден е ден на жената и треба да се стремиме да ја заштитиме од секаков тип на насилство затоа што жената е најнежното, но и најсилното човечко битие и столбот на семејството и столбот на општеството.

Емилија Ангелова, претседателка на Комисија за еднакви можности во Советот на Град Скопје се осврна на институционалните реакции со цел заедничка дискусија за политиките на државата во заштитата на жените , упатувајќи порака за сите жени „Нема откажување – сите сме со вас“!

-Нашата цел е гласно да говориме на оваа тема за да им помогнеме на жртвите да го прекинат молкот.

Државата е таа која мора да работи на елиминација на сите форми на насилство врз жените, да им обезбеди пристап до правда и еднаков пристап до економски ресурси, кажа Ангелова на денешниот јавен брифинг.
Таа потенцираше дека насилството врз жените и девојчињата и понатаму е најзастапено кршење на човековите права, а правниот статус на правата на жените е сè позагрозен.

-Регресивните нови закони ја влошуваат неказнивоста на сторителите на семејно насилство, а организациите за правата на жените сè повеќе се маргинализираат.

Поразителен е податокот дека денес, секоја трета жена доживува насилство и злоупотреба во текот на својот живот, а тоа е нешто што не смее да се случува, заклучи Ангелова.

На овој јавен брифинг свое излагање имаше Елена Сремиќ, жртва на семејно насилство која кажа за своето лично искуство и траумите кои ги поминала со физичкото и психичкото насилство.

-Јавно треба да се зборува и на секој може да му се случи. Ги охрабрувам сите да бидат гласни и заеднички да ја подигнеме свеста. Психичкото насилство е тивок убиец и на тоа посебно да се обрне внимание, кажа таа.

Бети Живадиновиќ од ЈУ Меѓуопштински Центар за социјална работа на Град Скопје информираше за помош и заштита на жртвите, пристапот до ЈЗУ, улогата на Центарот за социјална работа како и за превенцијата.

-Статистиката говори дека само 15% од жените се осмелуваат да пријават насилство.Насилството кон децата е 0 толеранција, истакна таа.

За насилството, најчестите форми на насилничко однесување, причините и последиците се осврна Оливера Величковска , педагог во СУГС „Браќа Миладиновци”.

– Насилството може да го спречиме ако не го игнорираме и дадеме поддршка на жртвите да ја напуштат насилната средина, посочи Величкоска, додавајќи дека пријавувањето на насилството е првиот чекор. Оваа трибина е одлична можност да се подигне свесноста и да поттикнат акција против секаков вид насилство и грубо кршење на основното човеково право, од што на светско ниво страда секоја трета жена во текот на својот живот, потенцира таа.

Во однос на законската регулатива, Диана Ристовска Додовски , м-р по правни науки се осврна на Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Правилник за начинот на извршување на привремената мерка за заштита задолжително лекување на сторителот доколку употребува алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување како и практични примери.

Инаку, Статистиките говорат за фактот дека од почетокот на 2022 година, до месец октомври 2022 година, од страна на полицијата биле евидентирани 809 кривични дела од областа на семејното насилство. Кривично се пријавени 836 лица, а од евидентираните 863 жртви, 669 се жени, во најголем дел сопруги, вонбрачни сопруги, мајки и ќерки.