„Жени лидери: Министерството за енергетика и WOBA во заедничка мисија“

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и WOBA (Women on Boards Adria) потпишаа Меморандум за соработка со кој се потврдува посветеноста за јакнење на улогата на жените во раководните позиции и создавање инклузивно општество.

И покрај тоа што жените сочинуваат половина од населението во Македонија, нивното учество на лидерски позиции останува предизвик. Овој Меморандум е важен чекор кон подобрување на родовата рамнотежа и унапредување на можностите за жените.

Министерката Сања Божиновска е именувана за амбасадор на WOBA за Македонија. Оваа позиција ја одразува нејзината посветеност на промоцијата на родовата еднаквост и јакнењето на улогата на жените во раководните позиции.

„Како Министерство сме целосно посветени на создавање услови каде што жените ќе имаат еднакви можности за успех, создавање на општество каде жените се признаени и вреднувани за нивните способности и придонеси. Потпишувањето на Меморандумот со WOBA не е само формален чин, туку и израз на мојата лична заложба за жените во нашето општество. Да ја поддржиме секоја жена која се стреми кон лидерство, која ги урива бариерите и ја создава иднината“, истакна Божиновска.

WOBA, како регионална иницијатива, е активна во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија. Организацијата е посветена на рушење на бариерите за жените и постигнување на европските стандарди, како што е Директивата на ЕУ за жени во управни тела.

Билјана Брејтвејт (Biljana Braithwaite), Претседателка на WOBA, истакна дека партнерството на WOBA со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини претставува голем чекор напред за регионот и за Северна Македонија. Вклучувањето на министерката Божиновска е од клучно значење – нејзиното лидерство и ангажман на владино ниво може да предизвикаат вистински позитивни промени. “Преку поставување на амбициозни цели и креација на соодветни практики во рамки на политиката кои ќе ја направат родовата еднаквост реалност, особено во енергетскиот сектор.

Енергетиката е еден од најважните сектори за одржлив развој и време е жените да имаат многу поголема вклученост во оваа сфера. Овозможувајќи им на жените да водат и да придонесуваат на секое ниво, не само што отвораме можности за нови иновации, туку и создаваме сектор кој е поотпорен, поинклузивен и поподготвен да се справи со предизвиците на денешницата”, изјави Брејтвејт.

“Women on Boards Adria во својата суштина се залага за промовирање на поголема родова разновидност и инклузивност низ регионот на Адриа, усогласување на регионалните родови политики со стандардите на ЕУ и обезбедување можности за жените да водат и да се истакнат во секоја област. Заедно со министерката Божиновска и нејзиниот тим, ќе работиме на тоа да овозможиме жените да не бидат само учеснички, туку лидери и пример за следните генерации,“ изјави Тања Михајловска Димитриевска, главна амбасадорка на WOBA за Северна Македонија.
Со заеднички напори, Министерството и WOBA ќе спроведуваат проекти што ќе донесат позитивни промени за жените во Македонија и регионот. Заедно, создаваме општество каде жените ќе можат да го достигнат својот потенцијал.