Истражувањата на граѓанските здруженија недвосмислено ја потврдуваат дискриминацијата при вработување на жените Ромки локално во Куманово и во државата. И во 21 век, резултати практично нема, иако на хартија „цутат рози“.
Жените Ромки двојно се дискриминирани при вработување, покажуваат податоците на граѓанските здруженија. Првичната дискриминација почнува во семејствата каде сè уште има остра поделба на улогите помеѓу мажите и жените. Дискриминацијата продолжува и во општеството, бидејќи жените Ромки влегуваат во првите три места по најмалку вработени во државата, објави МИА.
Ромка си, можеш само да чистиш!
Две млади жени сведочат за нивната засега, безуспешна, десетгодишна борба за работно место како продавачки во трговски објекти. Кумановките раскажуваат дека штом ќе влезат на интервју за работа, задолжените за избор ги одмеруваат каква облека носат и како изгледаат. Често велат сведочеле на наизменични погледи со омаловажување. Никогаш никој не им кажал дека не ги вработува затоа што се Ромки, туку дека во моментов е пополнето работното место.
Дваесет и петгодишната кумановка Рубија Агуши има слично искуство. Таа вели дека често се чувствувала дискриминирано, бидејќи е одбивана да најде работа поради етничката припадност, пред сè вели, заради бојата на кожата. Тврди дека го забележала, тој крајно дискриминаторски поглед.
– Знам дека ме одбиваат дека сум Ромка, никој не може да ми докаже спротивно, вели Агуши.
Таа вели дека често конкурирала со познаници од други етнички заедници и оти обично на места продавачки се вработувале Македонки, Албанки, речиси никогаш Ромка.
Пред две години вели, за чудо, првпат ја примиле како продавачка во месарница, и работела одреден период. Сега повторно е без работа, бидејќи при повреда за време на боледувањето ја замениле со друга работничка. Во моментов повторно бара работа, но ќе се доедуцира за работа со деца што и е дамнешна желба.
Три години постарата Неврија Иљазова во моментов бара работа каде било. Често е одбивана заради различни причини, најчесто поради недоволно искуство, никогаш директно бидејќи е Ромка, но потенцира, знае дека токму заради нејзината етничка припадност не котира добро меѓу работодавците. Изминативе десет години упорно барала работа во приватниот сектор.
– Сега од февруари барам интензивно, но бидејќи сум Ромка ме одбиваат секаде каде ќе аплицирам. Од приватни причини моите родители не ме запишаа во средно образование, останав само со основно, но сега разгледувам можности сама да продолжам со образованието и да земам диплома од средно. Пред 14 години завршив со основното образование, барав работа во приватниот сектор, ама за жал никаде не најдов, вели Иљазова.
Дискриминацијата тешко се докажува – нема пријави во КСЗД и Народниот правобранител.