Жените, се чини, биле цел на напаѓачот во Сиднеј

Австралиската полиција во понеделникот објави дека ги истражува причините зошто, како што се чини, цел на напаѓачот со нож во трговски центар во Сиднеј биле главно жените, јавува AFP и потсетува дека во тој напад беа убиени пет жени и еден маж.

Сторителот на убиството е 40-годишниот Џоел Каучи, кој, според полицијата, боледувал од ментална болест. Меѓу ранетите во неговата убиствен поход, најголем дел од жртвите, исто така се жени.

„За мене и за истражителите е очигледно дека напаѓачот имал за цел жени и избегнувал мажи“, рече началникот на полицијата на Нов Јужен Велс, Карен Веб, додавајќи дека „снимката зборува самата за себе“ и дека тоа ќе биде „една страна од истрагата“.

Каучи во саботата со нож уби шест лица во преполниот трговски центар „Westfield Bondi Junction” во источното предградие на Сиднеј, каде се наоѓа познатата плажа Бонди, а полицијата го застрела.

Веб рече дека не може да знае што се вртело низ неговиот ум и дека иследниците ќе ги испрашуваат оние што го познавале. Неговиот фејсбук профил покажува дека е од Тувумба, недалеку од Бризбејн и дека таму посетувал средно училиште и факултет. Неговите родители рекоа дека тој страдал од ментална болест уште од адолесценцијата.

Денеска, младата Кинеска, студентка на Универзитетот во Сиднеј, Јиџуан Ченг, беше идентификувана како неговата шеста жртва.

Останатите жени се стилистка, спасителка на море, ќерка на претприемач и мајка на деветмесечно бебе кое е тешко повредено, а убиениот 30-годишен маж Фараз Тахир е вработен во обезбедувањето во трговски центар кој се обидел да го спречи во смртоносниот поход. Ешли Гуд, мајката на деветмесечното бебе, починала во болница од здобиените повреди.

Од осумте повредени, неколку сѐ уште се во критична состојба. Напаѓачот беше убиен од полицајката Ејми Скот, која е пофалена за херојството.

Родителите на Каучи го осудија „страшниот“ чин на нивниот син и изразија солидарност со жртвите. Тие, исто така, испратија писмо до полицајката Скот велејќи дека таа „само си ја работела својата работа“ и дека се надеваат дека „таа е добро“.

Каучи немал постојана адреса и главно живеел во автомобил. Контактите со родителите му биле ретки. Во Сиднеј, тој изнајмил мал простор каде што полицијата пронашла само неколку предмети кои воопшто не укажуваат на планирање на нападот, вклучително и даска за сурфање.

На местото на злосторството беа положени букети цвеќе, знамињата беа спуштени на половина копје низ целата земја во знак на жалост, а вечерта операта ќе биде осветлена со црна лента.