Жестока дебата за ребалансот на Буџетот: Државата е пред банкрот, тврди опозицијата – со ребалансот на буџетот ќе се надмине кризата, вели власта

Ребалансот на буџетот денеска беше тема на жестока дебата на пленарна седница во Собранието на Македонија. Според опозициските партии, државата е пред банкрот и дека ребалансот не нуди решенија за надминување на кризата. Според министерот за финансии и пратениците од власта, токму со овој ребаланс на буџетот ќе се обезбедат и повисоки пензии и плати и излез од кризата, која според нив, е предизвиката од глобалната енергетска и финансиска криза.

Според пратеникот Здравко Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е веќе банкротирана држава која за народот нема повеќе пари. Тој изрази категорично мислење дека владата на СДСМ и ДУИ нема капацитет да ја преброди кризата и упати повик да се оди на предвремени избори. Според него, за жал, власта и натаму наоѓа пари за „измислени проекти за трансформација на претпријатија“, како и за непродуктивни трошоци.

Според пратениците од владејачката коалиција, со ребалансот на буџетот се создаваат услови за заздравување на економијата во услови на увезена криза поради состојбите со енергијата и финансиите на светските пазари и берзи.

„Ќе има повеќе пари и за пензии и за плати, но и за субвенции за земјоделците за повисоки приноси на сега дефицитарните производи и на светските пазари“, рече Жаклина Лазаревска, од СДСМ.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими ребалансот на буџетот ќе даде фискален одговор во целост за заздравување на економијата.

„Со овој предлог ќе постигнеме две многу важни цели: прво, ќе ја одржиме макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, ќе ја поддржиме економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност за нашите граѓани”, истакна Бесими.

Со ребалансот, вкупните приходи за 2022 година се проектирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година, рече министерот.