Пополноќна жестока кавга помеѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на седницата за реконструкција на Владата. Причина за меѓусебните навреди беше синот на Џафери, Барлет, кој деновиве е во центарот на вниманието на јавноста откако се најде на списокот на роднини на функционери кои ја завршиле Академијата за судии и обвинители.
Јанушев од собраниската говорница му читаше на премиерот Димитар Ковачевски најактуелни вести, меѓу кои беше и таа за синот на претседателот на Собранието. Џафери, бурно реагираше.
„Игор Јанушев, на синот на Талат Џафери не можеш да му дојдеш ни до малиот прст. Прво, до малиот прст не можеш да дојдеш. Слушај сега, на синот на Талат Џафери ни ти ни многу од вас тука не можете да му дојдете до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогириан“, рече Џафери.
Јанушев се врати до говорницата и му укажа на Џафери дека читал вести.
„Вести читав! Ако имаш нешто да ми кажеш излези да реплицираш“, рече Јанушев.
Џафери му врати:
„Оди таму, не ми читај мене, оди таму“.
Јанушев му возврати дека нема тој да му каже каде ќе оди, на што Џафери повторно му рече да да го напушти пултот.
Јанушев му врати:
„Не си дома, јави ми се за реплика па кажи…“.
Џафери одговори:
„Ти ако имаш проблем со судница, со мојот син немаш. Ако имаш работа со мојот син излези со него да се видиш“.
Кавгата ја смири координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Тој излезе за да го тргне Јанушев од говорницата.