Жестоки казни за уругвајските репрезентативци

Управното тело на јужноамериканскиот фудбал CONMEBOL жестоко ги казни уругвајските репрезентативци кои учествуваа во безредијата со навивачите на Колумбија по поразот од 0:1 во полуфиналето на овогодинешната Копа Америка во американскиот град Шарлот, а најтешката казна ја доби напаѓачот Дарвин Нуњез.

Нуњез доби забрана за настап на дури пет последователни официјални натпревари, Родриго Бентанкур доби казна од четири натпревари, додека Роналд Араухо, Хозе Марија Хименез и Матијас Оливера добија казна од по три натпревара.

Фудбалерите се казнети и финансиски, Нуњез со 20.000 долари, Бентанкур со 16.000 долари и Араухо, Оливера и Хименез со по 12.000 долари, додека Уругвајскиот фудбалски сојуз е казнет со 20.000 долари.

Уругвајскиот капитен Хименез тврдеше дека играчите ја прескокнале оградата за да ги заштитат своите семејства.

Сите споменати казни ќе треба да ги отслужат играчите во квалификациите за Сверското првенство 2026, во кои Уругвај ќе игра против Парагвај во Монтевидео и против Венецуела во Матурин во септември, додека во октомври ќе ги одмери силите со Перу на гости и Еквадор дома, а во ноември на домашен терен против Колумбија и Бразил на гости.

По една третина од одиграните квалификации или шест од 18 кола, Уругвај е на второто место со 13 бода, два помалку од водечката Аргентина, но и осум повеќе од седмиот Парагвај, кој е на позиција која води до дополнителни квалификации.