Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензја, во петокот пред Советот за безбедност на светската организација го прекина едноминутниот молк на кој повика украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во чест на „жртвите на агресијата“, барајќи тоа да биде во чест сите жртви вклучително и оние на украинската војска во Донбас од 2014 година, а потоа заедно со неговиот заменик Дмитриј Полјански го напушти заседанието пред говорите на претставниците на Европската унија.
Кулеба завршувајќи го говорот пред Советот за безбедност повика на минута тишина во знак на чест на „жртвите на агресијата“, но кога тој стана, Небензја започна да тропка по микрофонот.
Барајќи збор рускиот амбасадор рече „Стануваме во знак на сеќавање на сите животи коишто ги загубивме“. Потоа Небензја се исправи за да учествува во минутата молк.
Небензја во своето обраќање ги обвини Западот за настојувањата да ја уништи и распарчи Русија.
„Киев и западните земји неискрено го користат зборот ‘мир’. Мислат на предавање на Русија, идеално на нанесување пораз на Русија, по што би следел распад на земјата и реорганизација на територијата“, рече Небензја на специјалното заседание на Советот за безбедност при ОН во врска со годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина.
Небензка во говорот повторни ги обвини Западните земји за обид да ја продолжат војната на „нацистичкиот режим во Киев“ против Русија со постојаните испораки на оружје и директно учество во операциите на украинската војска.
Небензја го осуди непочитувањето на Резолуцијата 2202 на Советот за безбедност при ОН, и особено во тој контекст ги спомена Германија и Франција. Имено нивните поранешни челници канцеларката Ангела Меркел и претседател Франсоа Оланд кои беа гаранти на мировните договори од Минск од 2014 и 2015 година меѓу властите дојдени по превратот во Киев и рискојазичното население од Донбас, кои кон крајот на минатата и почетокот од годинава признаа дека тие договори имале цел само да ѝ купат време на Украина да се вооружи и воено да го реши конфликтот со побунетото руско население.
„Искористувајќи го учеството на денешното заседание на г-ѓа (министерката за надворешни работи на Германија, Аналена) Бербок, сакам да покренам уште една тема којашто беше крајно непријатна веќе извесно време за нашите западни колеги – договорите од Минск. Сите неодамна ги слушнавме признанијата и на Франсоа Оланд, Ангела Меркел и (поранешниот британски премиер) Борис Џонсон, дека ниту Франција, ниту Германија, ниту Велика Британија никогаш немале намера да ги поттикна украинските власти да ги спроведат, туку само ги користеле за да се добие во време и да му се даде можност на Киев да се подготвува за војна со Русија“, рече Небензја.
Истовремено Небензја во својот говор забележа за без преседан во историјата на Советот за безбедност поканети делегации да учествуваат на заседанието.
„Дванаесет земји на ЕУ покрај високиот претставник (за заедничка надворешна и безбедносна политика) Жозеп Борел. Очигледно дека сите овие земји, настапувајќи од заедничка еу-позиција диктирана од Брисел, нема да придонесат со никаква ‘додадена вредност’ на дискусијата“, рече постојаниот претставник на Русија во светската организација.
Небензја истакна дека таквиот пристап ги девалвира вредностите на дискусиите и го нарушува угледот на Советот за безбедност при ОН.
Потоа руските дипломати го напуштија заседанието, а во продолжение свои говори одржаа Борел, претставниците на Словачка, Романија и другите земји.