Жителите на Кочани денеска организираа целодневен протест, блокирајќи го патот кон Пониква, поради незадоволство од горењето на отпадот на депонијата во близина на селото Бели. Тие се против испуштањето густ чад и загадувањето на воздухот, кое се чувствува и во градот.
-Сакаме да знаеме кога точно ќе почне третманот на депонијата со алги. Советот на Општина Кочани уште пред шест месеци за ова изгласа одлука. Но, наместо третман, депонијата продолжува да чади и загадува, а граѓаните заболуваат. Според последните податоци, само за шест месеци 6500 граѓани се со последици по здравјето, изјави Ана Симонова од организацијата „Грин орг“.
На блокадата, присутните нагласуваат дека не дозволуваат проаѓање на комунални возила за отпад од Кочани и соседните општини. Стојан Глувчевски, учесник на протестот, истакнува дека досегашните обиди за решавање на проблемот се неуспешни и дека е потребно преиспитување на одлуката за носење на отпадот на оваа депонија.
Жителите на селото Бели бараат да се најде трајно решение со дислоцирање или целосно затворање на депонијата, за да се спречи не само загадувањето на воздухот, туку и деградирањето на лозјата и другото земјоделско земјиште во нејзината околина.
„Одговорните во општината, коишто сите ние ги плаќаме, не го решаваат проблемот со депонијата, а сега ние блокираме и нека повелат да видат. Градот и онака е солидно затрупан со ѓубре што не се чисти, па за извесен период ќе го издржиме и ова неизнесување на отпадот поради блокадата“, истакна Благица Сабовљевиќ Стоименова, учесничка на протестот.
Граѓаните кои протестираат утрово имале средба и со раководните луѓе во комуналното претпријатие „Водовод“ кои ги информирале дека од вчера е ангажирана механизација која работи на затрупување на отпадот. Исто така, на влезот на депонијата е одредено 24-часовно дежурство со вработени во претпријатието кои ќе го контролираат влегувањето на неовластени лица, за да се спречи намерното потпалување на ѓубриштето.
Во тек е средба на градоначалникот Љупчо Папазов со граѓаните на блокадата.